| четврток, 6 декември 2018 |

Поселт: Дејствувањето на СДСМ е неприродно и неодговорно

Како европските политичари гледаат на случувањата во Макеоднија? ЕК и Брисел во десетици пораки, директни и меѓуредови (почесто вторите) се обиде да им укаже на СДСМ на грешката во непризнавањето на изборните резултати. Но, Брисел секогаш дејствува во „ракавици“, а најискрени се европратениците. Германецот Бернд Поселт, кој две децении е европратеник на ЦСУ, е директен и нивното политичко делување го оценува како неевропско и неодговорно кон гласачите.

Бернд Поселт, кој цели 20 години е европратеник на ЦСУ, сестринската партија на ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел, со која не федерално ниво дејствуваат како т.н. Унија и ја водат Германија, а во меѓувреме со децении раководат со најбогатата покраина Баварија, во кусото интервју за „Република“ вели дека не разбира како македонската опозиција не сфаќа дека треба да им биде лојална на избирачите, а не на желбите на лидерот. Го прашавме, кои се неговите препораки, а добриот познавач на состојбите во Македонија, кој ги наброја, буквално, сите случаи на бојкот во нашата историја, вели дека вака СДСМ се доближува до несериозните европски партии, како италијанската парија на полтичкиот кловн Бепе Грило.  

ПОСЕЛТ: За политичар кој веќе 20 години е член на Европскиот Парламент е неприродно и неодговорно доколку македонски политичари, избрани од гласачите, граѓаните кои тие ги претставуваат – го бојкотираат Парламентот или не ги прифаќаат мандатите по инструкции на нивниот партиски лидер. По изборите тие единствено треба да му бидат лојални на гласачот и на сопствената совест и да ја завршат својата работа и да го подигнат својот глас во Собранието за да понудат алтернатива на политичките решенија и одлуки на власта. Бојкотот и повлекувањето од добиените мандати е погрешна политика од два аспекти. Најпрво, ова е целосно неевропско политичко однесување и не претставува опција за сериозна политичка партија. Ова ја доближува најголемата македонска опозициска партија СДСМ блиску до несериозните политички групи како што е „Движење 5 ѕвезди“ (M5S) на италијанскиот политички кловн Бепе Грило, кој што исто така постојано игра со закани за неучество и бојкот. Како второ, историјата на македонскиот парламентаризам покажува дека политичкиот бојкот никогаш не донел бенефит за партијата која бојкотира. ВМРО-ДПМНЕ под водство на Љубчо Георгиевски бојкотираше во 1994-та и се оштети како партија, а истото се случи на различни бојкоти од СДСМ под Бранко Црвенковски, како и бојкотирањата на ДПА, ПДП и ДУИ. Сите тие се соочија со голем неуспех и порано или подоцна мораа да се вратат во Парламентот.

Во јавноста наголемо се раширија информациите дека целта на бојкотот бил негативен Извештај на ЕК, кој СДСМ би го користеле како адут во натамошната борба за власт, чин, кој за нивна жал не се оствари. Ова за „Република“ го потврди и еден од нивните кандидати за пратеник, бунтовник, кому му е преку глава од потезите на врхушката. Го прашавме Поселт, дали ставањето на партиските пред државните интереси е „логично“ во земјите на ЕУ?

ПОСЕЛТ: Партиите во земјите на ЕУ нудат различни можности при дневно-политичките дејствувања и застапуваат различни филозофии во економијата, социјалниот и образовниот сектор, но кога станува збор за градењето и иднината на Европа или одбраната на европскиот демократски модел на општеството, најголемите партии се обединети. По изборите за Европскиот Парламент неформалната широка коалиција на Европските народни партии (демохристијанските демократи) и социјал-демократите, продолжува да ја води Европа низ предизвиците на глобализацијата и заканите во Источна Европа и Блискиот Исток. Демократските партии мораат да се натпреваруваат во политичките опции и решенијата кои се нудат, но да бидат заедно во стратешките одлуки за бенефитот на граѓаните и државата. ЕУ-интеграцијата на Република Македонија е таква стратешка одлука. Од друга страна, во Европскиот Парламент демократите од различни партии соработуваат во поддршката на Македонија – во Комисијата за надворешни работи, како и во одредени групи на пријателство. Поради тоа од витално значење е за политичките партии во земјите-кандидати за ЕУ да соработуваат на прашањата поврзани со ЕУ. Најдобар пример за ова е добрата и успешна соработка меѓу двете најголеми партии во Хрватска, ХДЗ и СДП кои во текот на 8-годишниот период во тек на преговорите со ЕУ соработуваа – без разлика кој беше на власт, а кој во опозиција.

За жал, СДСМ не го следи примерот на своите пријатели од Хрватска.

Македонија и покрај внатрешните проблеми и надворешните со Грција, успеа да ја добие 6-та по ред препорака од ЕК за почеток за преговори со ЕУ. Какви се вашите очекувања за Советот на ЕУ во декември, ќе остане ли статус-кво ситуацијата за Македонија?

ПОСЕЛТ: Јас сум пресреќен од одлуката на Европската Комисија и сигурен сум дека Европскиот Парламент во целост ќе ја поддржи препораката за почеток на преговорите со ЕУ. Многу е позитивно за Македонија што наследникот на активниот еврокомесар за проширување која ја поддржуваше земјата, Штефан Филе, е многу искусниот политичар и поранешен еврокомесар Јоханес Хан од Австрија. Австријците имаат традиционално позитивен став за Југоисточна Европа и нејзината интеграција. Силен и позитивен сигнал за регионот и за Република Македонија, исто така беше и балканскиот самит на германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин на крајот на ова лето. Важната порака беше дека и покрај сите кризи во светот, целта на интеграција на целиот Балкан во ЕУ не е напуштена или заборавена. Во светлото на овие активности на Ангела Меркел и останатите, јас искрено се надевам за позитивни исчекори на Советот на ЕУ во декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top