| четврток, 6 декември 2018 |

Опасните Унгарци сериозен предизвик за Вардар

Вистински ракометен спектакл ќе има во Скопје во меч од Ц групата во Лигата на шампионите меѓу двете првопласирани екипи Вардар и Веспрем вечерва од 19 часот.

Новата вардарова тврдина спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе биде претесен да ги прими сите заинтересирани да го видат дуелот што може да одлучи кој ќе патува во следната фаза како првопласиран во Ц групата.

Веспрем е тврд орев, една од најдобрите екипи во Европа, лански учесник на фајналфор турнирот во Келн и мошне незгоден противник за Вардар.

Во меч од СЕХА лигата Унгарците го декласираа македонскиот вицешампион со 31-23, а блескаше српскиот репрезентативец Момир Илиќ со 12 погодоци. Тој е предводник на унгарската машинерија што е одлично воиграна, моќна, разноврсна и ефикасна. Имињата на Ренато Сулиќ, Мирко Алиловиќ, Угалде Гарсија, Руезга Пасарин, Петер Гулијаш, Андреас Нилсон се гаранција за квалитет, што ѕвездите на Веспрем го демонстрираат и сезонава. Тие се една од трите екипи во Лигата на шампионите што по 4 кола имаат максимален учинок, заедно со Кјелце и Пари Сен Жермен.

vardar-11

Без пораз е и Вардар со учинок од 3 победи и едно реми, што ветува врвна престава во која ќе уживаат љубителите на ракометот. За да биде викендот во знакот на „црвено-црната“ боја тука е и дербито на петтото коло во женската ракометна Лига на шампиони меѓу Вардар и Будуќност. Пресметка на две екипи што истакнаа кандидатура за ново учество на фајналфор турнирот. Црногорките се големи должници на ЖРК Вардар, откако лани ги елиминираа во полуфиналето на завршниот турнир за титулата во Унгарија, а и оваа сезона во новиот циклус победија во првиот меѓусебен меч во Подгорица со 23-17.

Тој меч ќе се игра утре од 19 часот во Скопје, а уште еден наш претставник, машкиот тим на Металург ќе игра во петтото коло од ЛШ, на гости во Шпанија кај Ла Риоха од 17 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top