Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази надеж дека земјите што имаат воведено санкции против Москва ќе сфатат дека тие предизвикуваат штета на меѓународните економски односи.
– Ова е штетно и секако дека предизвикува штета не само на нас, туку и на САД, бидејќи со тоа се поткопува целокупниот систем на меѓународни економски односи – изјави Путин во интервју за агенцијата ТАСС пред заминувањето на Самитот на Г-20 во Бризбејн, во Австралија.
Путин, исто така, изрази надеж дека санкциите ќе останат минато. – Се надевам дека конечно во ова ќе надвладее разумот, а минатото ќе биде минато – изјави Путин.
Според него, санкциите воведени кон Русија се во спротивност со принципите на Г-20 и не само на нејзините принципи, туку се спротивни и на меѓународното право, бидејќи може да бидат воведени само преку Советот за безбедност на ОН.
Путин нагласи дека санкциите на Западот се во спротивност со принципите на Светската трговска организација (СТО) и Договорот за царини и трговија (ГАТТ).
– САД ја создадоа организацијата СТО, а сега сурово ги кршат нејзините принципи – тврди рускиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин, меѓу другото, истакна дека прашањето за санкциите нема да го отвора на самитот на светските лидери во Бризбејн.
– Ако оваа тема се отвори, јас секако ќе одговорам, но нема сам тоа прашање да го предложам за дискусија. Како што гледам, тоа би било бескорисно – нагласи Путин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


