Се споменува голема Македонија, која ја покажува Македонија со територии на денешна Грција, Бугарија и Албанија. Македонија, која ги содржи егејскиот и пиринскиот дел. Во една пригода, еден македонски новинар испрати порака до тогашниот и до секој нареден државен врв. Иритиран од односот на Грција и на Бугарија и заканите за секакво вето, тој напиша:
„Нека биде ова мојата најеретичка мисла и порака до македонскиот државен врв: време е да настапиме со вистинските аргументи, без дипломатски ракавици и да го актуализираме прашањето за голема Македонија. Не да одиме на нож и да ја развиваме српската теза ’сите Македонци во една држава‘, туку да ѝ ставиме до знаење на меѓународната заедница дека за украдените територии бараме компензација во смирување на страстите на Грција и на Бугарија и нивно повлекување од офанзивата за промена на нашето уставно име. Да нѐ остават барем во ова малку што ни остана од етничка Македонија, да поживееме на раат!“
Минатиот број пишувавме за соништата на соседите за Голема Албанија, голема Бугарија, голема Грција. Македонија е најголемиот баксуз, во тие желби за големи земји. Таа е интегрален дел и од желбата на големобугарските националисти, на големоалбанските и на големосрпските аспирации.
Големосрпските аспирации
Кога ќе се спомене голема Србија некако тоа се поврзува со Воислав Шешељ, иако тој не е нејзин творец. Првите знаци за оваа идеја може да се најдат во делата на Доситеј Обрадовиќ, Јован Рајиќ, Саво Текелија, кои живееле и создавале на крајот на 18 век и почетокот на 19 век. Потоа доаѓа „Начертание“ на Илија Грашанин, кое е сосема во согласност со времето во кое живеел и го разработил планот за спојување на Косово, Метохија, Босна, Херцеговина и Црна Гора кон тогашното српско кнежевство. На иста, лингвистичка линија бил и Вук Стефанович Караџиќ, кој оправдано или не, сите што зборуваат на штокавски дијалект ги сметал за Срби.
Секако, сите патриоти не гледале позитивно на ова, па така Светозар Милетиќ, Светозар Марковиќ и Димитрија Туцковиќ укажувале на страшните последици (до кои и дошло), како на пример судирот со другите народи што во голема Србија би биле насила вклучени и омразени. Тие предлагале балканска конфедерација.
Како и да е, планот почнал да се остварува со балканските војни и, пред сè, Првата светска војна. На крајот на оваа војна се создава историска шанса Кралството Србија да ги спои сите делови населени со Срби ( и други народи). Но кралот Александар Први Караѓорѓевиќ решил да го оформи СХС, односно Југославија. За време на Втората светска војна, четниците, а пред сѐ нивниот политички идеолог Стефан Мољевиќ, ја обновиле идејата што сакале да ја отелотворат преку геноцид и етничко чистење, за што постојат и многубројни докази. Деведесеттите години на минатиот век е нешто на кое повеќето од нас бевме сведоци…
За голема Србија проговори и лидерот на Српската радикална партија (СРС) Воислав Шешељ, кој пред Хашкиот трибунал призна дека негова цел била голема Србија, вклучувајќи ги „српска Босна, српска Херцеговина, српска Македонија и српска Хрватска“, во која ќе има етничко единство. Неговата визија за Србија подразбира „етничко единство и хармонија меѓу православните Срби, Србите католици, Србите муслимани и Србите атеисти“. За него Бошњаците се „Срби што преминале кон исламот“. Шешељ во Хаг посочи „никој не може постојано да го држи српскиот народ разделен“.

Хрватска од Алпите до Тимок
Од поранешните југословенски земји „голем“ сон има и Хрватска. Идејни творци на голема Хрватска се протофашистите од средината на 19 век, Анте Старчевиќ (мрази Срби и сѐ што е српско) и Еуген Кватерник. Нивната работа ја продолжува Јосип Франк, кој дејствува на преминот на 19 во 20 век.
Заедничко на тројцата е тоа што својата идеја ја засновале на низа фалсификувани документи како „Пакт на меѓународните конвенции“. Преку заплеткан правен начин докажувале дека постои државен континуитет од средниот век до денес, како и дека не биле покорени од Унгарците, туку доброволно се здружиле со нив. Поради тоа им припаѓаат сите територии што, наводно, ги донеле со себе во унгарската држава, а подоцна и во Австрија.
Голема Хрватска стига до Косово. Конечно Македонија не е опфатена од нечии желби. Но Старчевиќ „имал право“ на сѐ – од Алпите до Тимок, заедно со северна Албанија, во согласност со тврдењето дека на Балканот постои само хрватски народ. За него Србите се православни Хрвати.
Колку е опасно да си играш со туѓите територии се виде во Втората светска војна, кога духовните чеда на Партијата на правото правеле невидени лудила над српското население… Тоа можеше да се види и во текот на војната во деведесеттите години на 20 век, кога во Хрватска на власт дојде ХДЗ, чијшто претседател, Фрањо Туѓман зборуваше за создавање „Хрватска во историски и природни граници“. Тој тврдеше дека обликот на тогашната југословенска република не е природен.
ПРВИОТ ДЕЛ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 114. број на неделникот „Република“, 7.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


