| четврток, 6 декември 2018 |

Случај „Ровер“: Завршни зборови на обвинетите, Бошкоски со лекции по историја на право

На денешното судење за случајот „Ровер“ на кој обвинетите ги даваа своите завршни зборови, поранешниот министер Љубе Бошкоски одби да даде завршен збор, а времето за своето излагање го искористи за лекции по историја на правото и на правната држава. Тој истакна дека неговиот завршен збор ќе го даде во друго време, кое доаѓа.

Бошкоски повтори дека судската власт работи несовесно и е дерогирана, а во судницата се одвива судска пародија место судење.

– Кога барав психијатриско вештачење за членовите на судскиот совет и на судијата не мислев никого да навредам, туку да помогнам судиите да си ја отворат душата и да проговорат за притисокот што им се врши во овие ненормални услови – рече Бошкоски.

Тој одново го искажа својот револт и одбивност кон целиот судски процес за „Ровер“ и, според него, освен циркузантска димензија ова денес има и трагична димензија.

По излагањето на Бошкоски, завршни зборови даде и адвокатот на осмообвинетиот Зоран Трајковски, кој побара ослободителна пресуда за Трајковски бидејќи, како што рече, нема докази што овде беа презентирани за помагање на неговиот клиент во кривичното дело  за кое е обвинет.

И обвинетиот Трајковски го даде својот завршен збор во кој образложи дека обвинителниот акт и дело кои му се ставаат на товар во целост се апсурдни и неприфатливи, без ниту еден доказ што ќе го потврди делото.

– Самото обвинение го сметам за скандалозно – рече Трајковски и праша како јавниот обвинител си дозволил неуки луѓе од крвни деликти, кои не можат да спојат два исти чорапа во еден чифт, да му подметнат нешто во кое, според негово длабоко уверување, и јавната обвинителка веќе не верува.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top