| четврток, 6 декември 2018 |

Сурогат мајчинството отсега и во Македонија

Стапија во сила измените и дополнувањата на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) со кој се воведе можноста за добивање дете со раѓање од страна на друга жена или таканареченото сурогат мајчинство.

Новината се однесува на сите брачни двојки кои не може да ја реализираат родителската улога по природен пат и на сите хумани жени кои од алтруистички побуди би родиле деца за овие брачни двојки за да им го покажат патот за остварување на овие можности.

-Првиот чекор што треба да го направат заинтересираните е да се обратат во Министерството за здравство, да достават документација со која потврдуваат дека ги исполнуваат условите. До Министерството може да се обратат жени на возраст од најмалку 25 години живот и повозрасни, односно на возраст за која е оценето дека е во добра психофизичка и општа здравствена состојба која и овозможува на жената здрава бременост и раѓање на здраво дете. Покрај тоа, жените треба да бидат мајки на најмалку едно дете и да бидат македонски државјани, посочи Татјана Васиќ-Бозаџиева, државен советник во Министерството за здравство.

Од друга страна, до Министерството може да се обратат брачни двојки, државјани на Република Македонија, кои имаат проблем со женски или машки стерилитет, односно жената од брачната двојка нема матка и/или има оштетена матка, нема јајници и/или има оштетени јајници, а мажот од брачната двојка исто така истовремено може да има стерилитет кој не може да биде излекуван. Исто така може да се обратат и брачни двојки кои дотогаш имале три неуспешни бремености на жената.

– Министерството за здравство води два регистри, од кои еден за жените кои се потенцијални гестациски носители, а другиот за брачните двојки. Министерството ги внесува податоците во овие регистри откако ќе утврди дека се исполнети условите со што се заокружува неговата улога во оваа фаза на утврдување на статусот на потенцијален гестациски носител, односно брачна двојка која има право да побара раѓање на дете од друга жена, рече Васиќ-Бозаџиева.

За да почне постапката на БПО со гестациски носител, потребно е сите учесници во постапката да се согласат (со давање на писмена изјава заверена кај нотар) и претходно да бидат стручно советувани за психолошките и правните последици од оваа постапка, од страна на Комисијата за психолошко советување и Комисијата за правно советување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top