Владата на вчерашната седница донесе одлука да ги укине увозните давачки за индустриска пиперка, информираше денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на прес-конференција.
Тој посочи дека одлуката стапува на сила од денеска и ќе важи до крајот на годинава.
– Со одлуката се укинува царинската давачка од 50 отсто за увоз на индустриска пиперка во Македонија и до 31 декември ќе можат да се увезат 2.000 тони без никаква давачка. Принципот на реализација на одлуката ќе биде „прв дојден, прв услужен“, а еден увозник не ќе може да увезе повеќе од 500 тони – рече Ѓорѓиев.
Нагласи дека на вчерашната седница била донесена одлука и за намалување на царинската давачка на доматно пире од 50 на 25 отсто. Оваа давачка ќе важи до 30 јуни 2015 година и ќе можат вкупно да се увезат 500 тони по истиот принцип „прв дојден, прв услужен“, а еден увозник не ќе може да увезе повеќе од 125 тони.
– Овие одлуки се донесени на барање на бизнис-заедницата по сеопфатни анализи кои покажаа дека нема да им штетат на домашните производители, а воедно ќе овозможат исполнување на договорите што ги имаа нашите производители од конзервната индустрија посебно во делот на пиперките со странските добавувачи – рече Ѓорѓиев.
Тој посочи дека домашното производство на индустриска пиперка веќе е речиси продадено и додаде дека остануваат за продажба уште околу илјада тони, додека за доматното пире, посочи, дека во Македонија има дефицит на производители, а и годинава климатските услови не биле поволно за производство на домат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.