| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети и Тачи ја вжештуваат реториката

Покрај ветувањето за подобрена инфраструктура, развој на образованието и соживот во Арачиново, лидерот на ДУИ, Али Ахмети не заборави да напомене дека ДПА се организатори на протестите и инцидентите. Но, ниту Мендух Тачи не му остана должен, пренесува МИА

dui dpa
Во своето обраќање Ахмети ги коментираше протестите и инцидентите за кои смета дека се поттикнати и диригирани од опозициската ДПА.

– Сите институции максимално се ангажирани за пронаоѓање и казнување на учесниците. Додека ДУИ е на власт, Албанците ќе бидат заштитени и ќе се чувствуваат сигурно. Нема да дозволиме никој да си поигрува со демократијата и со евроинтеграциските процеси, рече Ахмети.

ДПА, пак не останаа должни. На вечерашниот митинг во Гази Баба од жителите на општината побара поддршка за локалните избори, а лидерот Мендух Тачи ги охрабри гласачите да не се плашат и да излезат на гласање.

– Политиките на Ахмети и ДУИ се спротивни од барањата на Албанците. Тие кои се прикажуваат како бранители на албанскиот народ, изминатава недела се покажаа дека не ги штитат правата на Албанците. Наместо да ги осудат апсењата и репресиите на полицијата врз учесниците на протестите, тие ги оправдуваат и ги поттикнуваат со молчење, истакна Тачи.

За лидерот на ДПА, претстојните локални избори се испит кој, како што рече, мора да се положи со убедлива победа за да се делегитимира коалицијата ДУИ-ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа да се издејствува и конечна победа на парламентарните избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top