Одлуката за судбината на најтрофејниот кошаркарски клуб Работнички, Арбитражната комисија ќе ја соопшти утре.
Медиумите шпекулираат со одлуката дека Арбитражата како второстепена комисија ги усвоила аргументите на Работнички кои биле наведени во жалбата на клубот и го вратила предметот на повторно разгледување на првостепена комисија, односно, кај комесарот Јосифовски.
– Не знаеме од каде се појавија вакви информации. Верувајте дека не се од нас. Ние не сме добиле никаква информација, ниту пак сме ја чуле одлуката на Арбитражната комисија, а за ваквата наводна одлука на Арбитража и ние прочитавме на електронските медиуми, велат од Работнички, пренесува Нова Македонија.
Не е јасно зошто по завршениот состанок каде се разгледуваше жалбата, одлуката не беше соопштена, но за неа ќе мора да чекаме до утре.
Работнички ја доби поддршката од сите клубови членови во Прва лига за негово останување во лигата, иако во текот на вчерашниот ден одредени клубови пласираа информација дека не баш сите клубови биле за таа одлука, но ниту тие не можат да избегаат од вистината оти записник од состанокот постои и во него, како што дознава Нова Македонија, стои дека е едногласно донесена поддршката на Здружението на клубови на Прва лига(ЗКПЛ).
До донесување на правосилна одлука по случајот Работнички, клубот е суспендиран и нема да ги игра натпреварите од Прва лига.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.