На граничниот премин Табановце запленети се околу 14 килограми марихуана која двајца полски државјани сакале да ја прошверцуваат од Албанија преку Македонија за Полска.
Дрогата е пронајдена вчера во „рено лагуна“ управувано од 48-годишниот Д.Л., а во возилото како сопатник патувала и 46-годишната К.С. Дрогата била сместена во посебно направени отвори околу резервната гума, кај задниот браник. Била спакувана во 45 пакетчиња, облепени со селотејп и покриени со свежо мелено кафе.
– Царинските службеници се посомневале дека возилото е преправено и го издвоиле за детална контрола. Притоа, со отстранување на задниот браник и сечење на лимот, пронајдени се три отвори по должината на подвозјето, околу резервната гума. Во левиот отвор откриени се 14 пакетчиња, во десниот 16, а од средниот извадени се 15 пакетчиња, информира директорката на Царинската управа Наташа Радевска – Крстевска на денешната прес-конференција.
Од спроведените предистражни мерки утврдено е дека двете лица биле ангажирани од трето лице во Полска за 2.500 евра да ја пренесат дрогата од Поградец во Албанија. Возилото било специјално преправено во Полска од страна на лицето кое го организирало транспортот.
Полските државјани денеска ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство, а Царинската управа најави дека ќе поднесе соодветна пријава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.