| четврток, 6 декември 2018 |

Милионите на тато, го збеснаа Гулбис

Ернестс Гулбис е еден од наблескавите тениски таленти на планетата, но темпераментот и парите на тато, кој е меѓу најбогатите Летонци, веројатно му го отежнуваат патот кон успехот во професионалниот тенис. Има се што е потребно да биде во врвот, но таму се уште го нема.

Сега има шанса да освои и гранслем трофеј по пласманот во полуфиналето на Ролан Гарос, каде противник ќе му биде Новак Ѓоковиќ.

Новинарите од специјализираното тениско списание „Тен Гренд“ објавија дузина необични изјави на Гулбис, кои вреди да се прочитаат. Пред нив, само за потсетување, Летонецот ни беше гостин со репрезентацијата, во меч од Дејвис купот, што се играше во салата „Јане Сандански“ во Скопје, во 2008 година. По првиот ден, откако загуби од Лазар Магдинчев, се испокара со целата експедиција на Летонците и си замина од Скопје, оставајќи ги на цедило соиграчите. Македонија со 4-1 ја декласира Летонија.

Еве што вели Гулбис за подоброрангираните тенисери од него:

„Не сакам никого да навредам, но кога ќе видам кој се е во Топ-50, се шокирам. Многумина и воопшто не ги познавам“

За поразот од Алехандро Фаља:

„Играв како Шпанец, кој стои два метри надвор од основната линија. Тоа е женски тенис“

За радоста по триумфот против Федерер:

„Има еден израз на англиски, но нема да го употребам, бидејќи има незгодна содржина. Го сторив тоа во моите гаќи“

Пред дуелот со Рафаел Надал:

„Ако игра добро ќе му попуштам и нека победи. Што можам друго да сторам. Тоа е тоа“

За силните удари што ги поседува:

„Па и немам многу избор. Висок сум, не можам многу да трчам, па морам да лупам со сета сила по топчето“

За пречестото кршење на тениските рекети:

„Мислам дека искршив 64 рекети. За таков подвиг треба да сте силни, особено кога играте на тврда подлога. Таму е потешко да се скрши рекетот„

На прес-конференцијата по поразот од Енди Родик:

„Ајде да почнеме, оти никој друг нема да дојде. Дути ни новинарите не се заинтересирани да слушаат лузери“

За приказните дека пие:

„ Кога пијам, тоа мора да трае до сабајле. Никој не оди во ноќен клуб за да испие 3-4 пива. Ако излегувам, мора да останам цела ноќ. А ако сте трезен во ноќен бар или дискотека, тогаш џабе сте таму, ќе ви биде досадно“

Зошто го сака Ротердам:

„ Таму марихуаната е легална. Јас ја подржувам таквата одлука. За жал, тенисерите не смеат да ја конзумираат“

Дали превозот на САД опен е навистина толку лош:

„Не тоа е невистина. Многу од тенисерите се однесуваат како принцези. Го сакам Њујорк, а не го сакам Синсинати. Таму има еден бар и два хотели и на такво место може да бидете само депримирани“

Toa се само дел од бисерите на вистинскиот тениски бисер од Летонија. Гулбис има само 24 години и огромен талент, што засега не успева да го презентира на турнирите. Но, затоа е екстра интересен со изјавите и начинот на однесување. Можеби тој ќе биде новиот Џон Мекинро.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top