| четврток, 6 декември 2018 |

Му работи ли Фијон зад грб на Саркози?

sarkozy fillonВо интервју за неделникот „Журнал ди Диманш“, поранешниот француски премиер Франсоа Фијон ги демантира информациите на весникот „Монд“ дека барал од Елисејската палата да влијае за забрзувањето на судската постапка против поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, пренесе МИА.

Новинарите на „Монд“, Жерар Даве и Фабрис Лом, објавија дека на 20 септември се сретнале со генералниот секретар на Елисејската палата, Жан-Пјер Жује, кој им ја прераскажал неговата средба со Франсоа Фијон на 24 јуни, за време на која поранешниот премиер побарал од Елисејската палата да ја забрза постапката против Никола Саркози.

Фијон беше премиер за време на целиот мандат на Саркози, додека, Жује кус период за време на француското претседавање со ЕУ, беше министер за европски прашања на Саркози, но тој отсекогаш бил пријател на актуелниот француски претседател Франсоа Оланд.

Во интервјуто за „Журнал ди Диманш“ Фајон демантира дека барал нешто такво од Жује, кој претходно го стори истото. Поради таа причина Фајон соопшти дека ги тужел новинарите на париски „Монд“ за клевета.

Од своја страна новинарите на „Монд“ во пладневниот радио весник на Франс Интер, останаа на нивната верзија и тврдат дека имаат аудио снимка од разговорот со Жује.

Оваа мини афера предизвика бура внатре во редовите на опозициската Унија на народното движење (УМП), каде ривалствата се големи и ја потврди констатацијата дека оваа партија, која се надева да се врати на власт во 2017 година, е внатрешно поделена.

Фијон, како и другиот поранешен премиер Алан Жипе, се во трка за да бидат кандидати за претседател на УМП во 2017 година, но враќањето на Саркози на политичката сцена и неговиот очекуван избор за лидер на УМП на крајот на месецов, може да им ги помати сметките.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top