| четврток, 6 декември 2018 |

Асфалт на проширувањето на „Партизански одреди“

bageriГрадоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска изврши увид во градежните работи на првата фаза од проектот за проширување на булеварот „Партизански одреди“ кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.

Деновиве започна поставувањето на првиот слој асфалтирање на краците на новата кружна крстосница кај Порта Влае, којашто е формирана на поранешната крстосница помеѓу булеварите „Партизански одреди” и „Ѓорче Петров” и улицата „Ацо Шопов“ кај Порта Влае.

Трајановски е задоволен со динамиката на изградбата на овој кружен тек и рече дека со неговата изградба значително ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се зголеми општата безбедност во сообраќајот.

– Очекувам денеска да заврши асфалтирањето на првиот слој на оваа важна сообраќајница, додека за 10 до 15 дена, доколку дозволат временските услови, ќе започне и поставувањето на вториот слој. По завршувањето со нанесување на вториот слој, во зависност од временските прилики, ќе биде поставен и третиот-финален слој на асфалт, а доколку временските услови не дозволат, тоа ќе се изврши напролет. Во секој случај, сообраќајот ќе се одвива на асфалтирана подлога, со што граѓаните нема повеќе да возат по тампон и кал и нема да ги валкаат своите возила, изјави Трајановски.

Новиот кружен тек е со дијаметар од 40 метри, односно коловоз од 9 метри со две сообраќајни ленти, со заштитна патека од 1,5 метри и простор каде ќе биде поставено средишно зеленило.

Неговата изградба е дел од проектот за проширување на булеварот „Партизански одреди” до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле”.  Проектот се реализира во две фази – во оваа фаза е предвидена изградба на кружниот тек и проширување на булеварот „Партизански одреди“ до влезот во автобазата на ЈСП.

Втората фаза ќе следува по експропријација на земјиштето и ќе го поврзе булеварот „Партизански одреди“ со кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“.

На проширување на булеварот „Партизански одреди“ кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае работат екипите на „Бауер БГ“, а за реализацијата на првата фаза од овој проект се одвоени околу 50 милиони денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top