| четврток, 6 декември 2018 |

Девет повредени во три сообраќајки во тетовско

полицијаТри сообраќајни несреќи во кои се повредени девет лица и е причинета материјална штета од околу 100 илјади денари, се случиле вчера на три различни места во тетовско, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Првата несреќа се случила околу 15 часот на автопатот Тетово – Скопје во близина на Бензинската пумпа Петрол Компани. Возачот Х.Ф.(29) од Озормиште загубил контрола на автомобилот „Ауди“ по што возилото излетало од патот. Со повреди се здобиле возачот и тројцата сопатници кои веднаш биле префрлени во Тетовската клиничка болница каде биле задржани за лекување, Материјалната штета се проценува на околу 30 илјади денари. Причина за несреќата е неприлагодена брзина односно пребрзо возење.

Втората сообраќајка се случила околу 17:30 минути на улицата „Киро Ристовски Дрнц“ во Тетово. 11-годишно девојче од селото Мерово било повредено откако врз него налетало автомобил „Опел“ со тетовски таблички што го управувал Ј.А.(21) од Мала Речица. Возачот го префрлил повреденото девојче во Тетовската болница каде по укажаната лекарска помош тоа било задржано за лекување. Материјалната штета во овој случај се проценува на 20 илјади денари. Полицијата работи на утврдување на причините за сообраќајката.

Околу 18 часот на автопатот Тетово- Гостивар на стотина метри од наплатната рампа кај Тетово се судриле камион „Ивеко“ со тетовски регистерски таблички управуван од Д.К.(47) од Долно Седларце и автомобил „Форд“ со скопски регистарски таблички управуван од Б.М.(46) од Скопје. Возачот на „Фордот“ и тројцата сопатници по укажаната помош во Тетовската болница биле пуштени дома, освен сопатничката Н.Р.(41) која била задржана. Причина за сообраќајката е недржење своја страна на коловозната лента, додека материјалната штета изнесува околу 50 илјади денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top