| четврток, 6 декември 2018 |

Во Италија протестираат државните службеници, бараат поголеми плати

08112014192950_italija

Десетици илјади италијански државни службеници денеска протестираа во Рим со барања за зголемување на платите, за склучување нов грански колективен договор и против владините мерки за стимулирање на вработувањето.

Синдикатите, организатори на протестот, соопштија дека ако Владата не обезбеди пари за зголемување на платите на околу три милиони државни службеници во Италија, следниот месец ќе организраат генерален штрајк.

Демонстраните бараа склучување и нов колективен договор за јавниот сектор, од причина што актуелниот е постигнат уште пред четири години.

Учесниците на протестот носеа портрети на италијанскиот премиер Матео Ренци со долг нос како Пинокио, обвинувајќи го дека ги прекршил дадените ветувања за склучување нов договор.

Во моментов стапката на невработеност во Италија изнесува од 12,6 проценти и е на највисоко ниво уште од 70-те години на минатиот век. Невработеноста пак меѓу младите на возраст од 15 до 24 години изнесува речиси 43 отсто.

Како мерка за создавање нови работни места, Ренци предложи реформи на законодавството за работни односи, но тие наидоа на голем отпор, како од страна на синдикатите, така и на пратеници од неговата Демократска партија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top