Трипати е намален бројот на доктори што доцнеле на закажаните термини во октомври за разлика од претходниот месец, а 45.000 пациенти што закажале преку „Мој термин“ не дошле на преглед, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
– Бројот на доктори кои доцнеле трипати или повеќе од трипати подолго од еден час на првиот закажан преглед во октомври е значително намален, односно е намален за четири пати во однос на септември кога се детектирани 162 доктори кои доцнеле. За сите се поведени дисциплински постапки, како што сме информирани од директорите на ЈЗУ, рече Тодоров.
Од друга страна, додаде министерот, податоците од системот „Мој термин“ покажуваат дека има значителен број на неискористени термини од причина што граѓаните не дошле на закажаниот преглед.
– Само во месец октомври, околу 45 илјади пациенти не дошле на закажаниот термин, а тоа се 48.795 веќе закажани термини, за коишто докторот бил во својата ординација, здравствениот систем бил спремен, а пациентите иако го имале закажан прегледот не се појавиле. Со ова на здравствениот систем неоправдано му се потрошени 168.180 часа од почетокот на годинава, истакна Тодоров.
За бројот на приоритетни упати, Тодоров информира дека тој за октомври изнесува 60.000 упати, што би биле, како што рече, најмалку тројно помалку доколку термините биле навремено откажани. Проблемот, министерот го посочи во тоа што приоритетниот упат може да се искористи во текот на седум дена, а би се решил доколку неговата важност би траела само еден ден.
Како пример министерот ја посочи ортопедија каде што има најмногу пациенти и подолга листа на чекање во Скопје и тоа во просек над 20 дена, во рок од 10 месеци не биле искористени 27.000 термини, просечно по 2.700 месечно.
– Друг важен аспект на кој сакам да се осврнам и да иницирам дебата во јавноста, е дали е етички и културно да се закажува термин кај доктор, а потоа без навремено откажување на терминот, пациентот да не се појави на прегледот. Тука станува збор и за пациенти кои повеќе пати во ист месец не се појавиле на закажаниот преглед. На пример, пациентка на 72-годишна возраст од Општина Кисела Вода, само од почеток на месец октомври до денес не се појавила на 9 закажани термини, од кои последниот на кој не дошла на преглед бил на 6 овој месец, истакна Тодоров,
Од почетокот на оваа година, пак, информираше министерот, пациентка на 58-годишна возраст од општина Чаир и пациентка на 55-годишна возраст од општина Сопиште не дошле вкупно 21 пат на закажан термин. Од почетокот на функционирањето на системот е евидентирано дека 45-годишна пациентка од општина Кисела Вода не дошла вкупно 30 пати на закажан термин за преглед, а 32-годишна пациентка од општина Арачиново вкупно 29 пати не дошла на закажан термин.
Посочувајќи на европските земји и тамошната регулатива, министерот Тодоров рече дека во Германија се казнува и се наплаќа непојавувањето на закажан термин, а доколку не се откаже терминот минимум два дена однапред, тогаш се наплаќа приватно. Но, доколку пациент навремено го откаже својот закажан термин и ја наведе причината за тоа не плаќа никакви казни.
-Во Белгија доколку пациентот не се појави на лекар или стоматолог, и навремено не го откаже терминот за преглед, лекарот може да му ја наплати услугата приватно. Закажаниот преглед може да се откаже најдоцна во рок од 24 часа пред терминот. Во Данска има регулатива за недоаѓање на закажаните термини уште од 2004 година, а казната за непојавување на преглед е околу 70 евра, а за ненавременото откажување на лекарски преглед се наплаќа и во Канада. На овој начин покажуваме кои реперкусии би ги имале пациентите кога би живееле во овие странски земји, истакна Тодоров.
Загубата на здравствениот систем, потенцира министерот Тодоров, за овие изгубени часови од неискористени термини изнесува над 13 милиони денари, односно околу 217 илјади евра. Додаде дека станува збор за голема сума, која во спротивно би останала во здравствениот систем и овие средства би се искористиле за негово подобрување.
Упати апел за навремено откажување на термините, со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање на СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат.
Од Министерството за здравство за еден месец испратиле над 100.000 СМС пораки за потсетување на пациентите да дојдат на закажаните термини. Од почетокот на оваа година до сега испратени се над еден милион пораки со кои се потсетуваат пациентите дека имаат закажан термин и доколку се оневозможени да дојдат, истиот да го откажат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кај него и здрави би чекале ред: Тој е најпосакуваниот доктор на светот!
-
Успешни Македонци: д-р Игор Балевски изврши сложен хируршки зафат во клиничкиот центар во Марибор
-
Лекар од Мексико тврди: Човекот со најголем пенис лаже, кожата му е до колена
-
Комората му ја одзеде лиценцата на докторот кој мамеше пациентка дека е бремена