Кандидатот за градоначалник на Охрид на коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески, разговараше со лиценцираните туристички водачи од градот околу проблемите со кои тие се соочуваат.
– Се запознав со некои од проблемите со кои се соочуваат, пред сè постоењето т.н. диви туристички водачи, потоа проблемот со некоординација во работењето на туристичките водачи, туристичките агенции и туроператерите, непостоењето координација со институциите и телата на локалната самоуправа, непостоњето посебен паркинг-простор за туристичките автобуси во централното градско јадро – рече Бакрачески.
Тој им ја предочил својата програма, делот што се однесува на начините за унапредување и развој на туризмот во Охрид, особено предвидените проекти насочени кон продолжување на туристичката сезона во градот. Во насока на подобрување на условите за работа на туристичките субјекти, најави формирање информативно туристичко биро во делот на Градското пристаниште, посебно туристичко биро во рамки на идната локална самоуправа, каде што ќе се кооридинираат нивните активности, како меѓу себе, така и со органите на локалната самоуправа.
Бакрачески им предложи на лиценцираните туристички водачи да формираат своја асоцијација, што како правен субјект во иднина ќе ги застапува пред релевантните институции, но и како здружение кое ќе ги штити нивните права.
Во врска со посетата на неговиот противкандидат Александар Петрески на неговиот изборен штаб, истакна дека отворањето на неговата канцеларија имало токму таква цел, што поголем број граѓани да дојдат тука, да ја видат неговата програма и да се запознаат со нејзините програмски определби.
– Посетата ја поздравувам, се надевам дека таа е искрена и дека во духот на таа искреност ќе продолжи понатаму и целата кампања. И во своите претходни настапи нагласив дека во текот на презентирањето на моите програмски заложби, ќе промовирам позитивни вредности, моја цел е и промоција на една нова свест и ново нивно на политичка култура во изборните процеси. Се надевам дека со моите и настапите на нашата советничка листа ќе ги убедиме граѓаните дека политичката свест во Република Македонија мора да добие покоректна димензија и конечно да прифатиме некои меѓународни стандарди во нивото на изразување и нивото на коректност кон политичките противници – рече Бакрачески и изрази очекување дека нивните политички противкандидати ќе дојдат и на 24 март во нивните простории за да им ја честитаат победата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


