Италија има силна желба да ја види Македонија во ЕУ и да се разреши спорот за името, изјави денеска италијанскиот амбасадор Ернесто Белели. Проширувањето останува еден од приоритетите на италијанското претседателство, но и на следните две, на Луксембург и наЛетонија.
– Во однос на преговорите за името тој процес се одвива меѓу двете земји, Македонија и Грција, под покровителство на ОН, но тоа што можат да го направат земјите од надвор е да се обидат да го забрзаат процесот на преговорите. Италија има силна желба да ја види Македонија во ЕУ што поскоро и да се разреши спорот за името. Тоа е важно за Македонија, за ЕУ и воопшто за балканските држави, земјата да стане дел од Унијата – рече Белели по настанот организиран од СЕП „ЕУ во Македонија – кафе-пауза со италијанската амбасада“.
Според Белели, изјавите дека во наредните пет години нема да има проширување значат дека во тој период нема да бидат примени нови членки.
– Но, вие може да го почнете официјалниот процес, да го усогласите законодавството и да одите поглавје по поглавје во тој процес – рече италијанскиот амбасадор.
За извештајот на ЕК за Македонија, тој посочува дека содржи две пораки. Од една страна, Комисијата ја изразува својата отвореност за Македонија и нејзиниот процес на пристапување, а од друга се бара земјата сериозно да ги сфати препораките и да внесе измени во своето законодавство, особено кога се работи за одредени сензитивни појави и тоа треба да го направи колку што е можно побрзо.
Италијанскиот амбасадор Белели, поздравувајќи ја иницијативата за овие средби на СЕП, истакна дека ЕУ е унија на различни земји и култури обединети со заеднички вредности.
– Го донесовме вкусот на италијанската кујна, кафе и италијанската култура со изложбата со мозаици од Равена, во Археолошкиот музеј. ЕУ не е само преземање на законодавството и одредени правила, таа дава и многу можности. Ја поздравувам одлуката на СЕП да почне со серија вакви настани, а се надевам дека една од земјите што ќе се претставуваат ќе биде и Македонија – вели Белели.
На настанот, на кој присуствуваа младинските организации, граѓани, вработените во СЕП, амбасадори на земјите-членки на ЕУ, вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими истакна дека целта е поблиско запознавање со културите на земјите-членки на ЕУ и заедничката порака дека членството во ЕУ е многу повеќе од менување закони, а тоа е размена на културни вредности и градење заедничка иднина со меѓусебно почитување и толеранција на различностите на секоја нација. Во однос на името, тој смета дека секоја иницијатива во насока на негово решавање е добра.
– Секоја иницијатива, секој состанок е чекор поблиску до решение. Дали тоа се гледа во релативна или апсолутна смисла на зборот, односно дали де факто сме поблиску или подалеку јас верувам дека секој чекор во насока на соочување на аргументите со цел до решени, е корисен за Македонија и евроинтеграциите затоа што само на тој начин можеме да ги приближиме позициите и да дојдеме до решение прифатливо и за двете страни – вели Бесими.
Ова е првиот од серијата настани во рамки на проектот, „Европската унија во Македонија – кафе-пауза со италијанската амбасада“. Проектот ќе се спроведува во соработка со амбасадите на членките на Унијата во Република Македонија, каде што промотивните настани ќе бидат организирани за секоја членка на ЕУ посебно, еднаш во месецот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.