| четврток, 6 декември 2018 |

РФМ: Кризата во Металург може да нѐ чини 500.000 евра и збогување од ЛШ

metalurg-5

Ракометната федерација на Македонија предупредува за последиците од кризата во РК Металург. РФМ апелира да се најде заеднички јазик меѓу играчите и управата на клубот. Во продолжение ви го пренесуваме официјалното соопштение во целост:

 

Почитувани,

Ракометната федерација на Македонија е загрижена од збиднувањата во РК Металург кои имаат директно влијание и на македонскиот ракомет воопшто и се наоѓа повикана да даде свое укажување за настанатата кризна состојба.

Најнапред, би сакале да упатиме високи пофалби и благодарност за сè она што РК Металург го направи во изминативе години со цел подигање на нивото на квалитет на македонскиот ракомет и оспособување на квалитетни ракометари кои се база на нашите национални селекции.

Оградувајќи се од интерните релации и развојната стратегија на РК Металург, чувствуваме огромна загриженост за последиците кои ваквото неспортско однесување може да ги остави врз иднината на македонскиот ракометот.

Во списокот на ракометари на РК Металург кои се обратија до македонската (спортска) јавност се наоѓаат и 13 претставници на македонскиот национален тим. Освен што нивниот натамошен професионален ангажман е неизвесен, тие за неполни два месеци ја започнуваат можеби најтешката македонска ракометна експедиција до сега: настапот на СП 2015 во Катар каде што евентуалниот пласман меѓу првите седум тимови би значел квалификации за пласман на ЛОИ 2016 во Рио. Предизвик за кој на македонскиот ракомет му се потребни репрезентативци кои нема да бидат само здрави, физички и психички добро подготвени, туку ќе имаат и настапи во континуитет на сериозни натпреварувања.

Свесни сме дека клубовите се приватни ентитети, но за нас како Федерација, тие 13 играчи се професионалци кои во изминативе години наназад го давале својот максимум за достојно претставување на македонскиот национален ракометен дрес кој со огромна гордост и апсолутна одговорност го носеле во континуитет на големите континентални и светски шампионати и носеле многу радости на нацијата и би било огромна штета такви таленти во зенитот на нивните спортски кариери, соочени со огромниот предизвик популарно наречен борба за настап на „Олимпијада“ – да бидат оставени во неизвесност.

Љубезно апелираме до двете страни инволвирани во спорот: управата на клубот и играчите, да вложат максимални напори со цел да изнајдат заеднички јазик во разрешувањето на настанатата кризна состојба што е можно поскоро, на взаемно задоволство и во полза на македонскиот ракомет.

Би сакале да предупредиме дека во случај на најлошото можно сценарио, доколку РК Металург не ги одигра преостанатите натпревари во Лигата на шампионите, според правилникот на Европската ракометна федерација би следувале (издвојуваме само неколку санкции): парична казна во максимална висина до 500.000 евра, евентуална суспензија (забрана за настап) во Лигата на шампиони 2015/2016 на македонскиот ракометен шампион од сезоната 2014/2015 година, евентуална забрана за настап на сите македонски екипи во европските купови што би значело комплетна изолација на Македонија од Европската ракометната мапа.

Ако здрава куќа се гради на здрави темели, се надеваме дека како и до сега, РК Металург, како промотор на ракометот во државава и надвор од неа, ќе се заложи за добро состојбата и просперитетот на најтрофејниот македонски спорт.

Спортски поздрав,

Ракометна федерација на Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top