| четврток, 6 декември 2018 |

Четирикратното убиство во Тирана дело на синот на пратеничката Џувани

Синот на пратеничката во албанското Собрание Луиза Џувани – 25 годишниот Констандин е убиец на четирите лица во еден ноќен клуб во Тирана, соопшти полицијата.

Веднаш по убиството во вторникот, Констандин Џувани бил уапсен од страна на полицијата, соопшти албанското МВР. Меедиумите наведуваат дека по убиството тој се обидел да избега во една од уличките каде се случило злосторството, потоа дал отпор на полицијата во обид да избега, но на крајот таа го уапсила. 

Вооружената пресметка била поврзана со продажба на кокаин. Констандин Џувани бил нарко зависник и бил познат на албанската полиција. 

Пратеничката Џувани која е од редовите на владејачката Социјалистичка партија само неколку часа по убиствата поднесе оставка која ја соопшти на прес-конференција во присуство на премиерот Еди Рама. Таа нагласи дека правдата треба да го направи своето. Рама на оваа средба со новинарите демантираше дека до сега ова лице било заштитувано од власта. 

Албанската опозиција остро реагираше на оваа четирикратно убиство, бидејки според Демократската партија убиецот бил толериран и по бројните кривични дела кои ги вршел во последните две години, но и порано. Според опозицијата пред две години тој извршил и друго убиство, но правдата го ослободувала бидејки неговата мајка била висок партиски претставник на партијата на власт. 

Медиумите нагласуваат дека Констандин Џувани е член на познато албанско интелектуално семејство. Тие додаваат дека  во бројни кривични дејствија се вклучени и други членови на видни албански семејства кои се дел од политиката и општествениот живот. Добар дел од нив биле заштитувани од правдата, наведуват тиранските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top