Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и владина делегација во чиј состав се вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, вчера доцна попладне во Чикаго, САД присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Чикаго е трет најголем град во САД со трет најголем бруто регионален производ и е оценет како град со најизбалансирана економија, со што градот претставува еден од главните финансиски центри и место каде се развива високата технологија.
Премиерот Груевски пред присутните инвеститори на форумот посочи дека Владата е силно фокусирана кон подобрување на економијата. Тој истакна дека економскиот раст оваа година, во првите 6 месеци изнесува 4.1 отсто што е најголем раст во Европа.
– Минатата година ја завршивме со трет најголем раст во Европа, а вчера Европската Комисија објави извештај со кој известува дека според нивните анализи оваа година Македонија ќе ја заврши со втор најголем раст во Европа што е добар индикатор. Генерално Македонија води здрава и стабилна макроекономска политика. А во однос на бизнис климата би рекол дека Владата е целосно посветена кон креирање на добра бизнис клима и тоа е всушност нашата главна преокупација – изјави премиерот Груевски.
Тој посочи дека во таа насока се спроведоа многу реформи и мерки меѓу кои и проектот регулаторна гилотина каде илјадници бирократски процедури станаа пократки, и поевтини или комбинација од ова, процес кој е спроведен со стопанските комори и во соработка со околу 300 компании од различни сектори. Премиерот Груевски истакна дека е инвестирано во успешен и квалитетен електронски катастар, воведено е електронско плаќање на даноци, едношалтерски систем за царината и многу други работи кои креираат добри услови за водењето на бизнис во Македонија.
Директорот Виктор Мизо посочи дека Чикаго и околината на американската држава Илиноис се средини каде има најголема концентрација на глобални (Форчн) 500 најголеми компании во светот и она што е важно што на овој форум денес дојдоа претставници од овој вид на фирми, кои се интересираа на кој начин да го подобрат и прошират својот бизнис во Европа, но истовремено да имаат поконкретна дестинација за своите производи.
– Освен она што ние го кажавме многу е важно и на кој начин реагираа присутните на форумот на коментарите на веќе постоечките компании кои веќе инвестираа во Македонија и го пренесоа своето искуство, пред се тука сакам да го истакнам „Кемет Електроникс“, односно нивното кажување за искуството од отпочнување на бизнис во Македонија и колку брзо успеале тоа да го направат, дури и над своите очекувања. Оттука очекувам форумот во Чикаго да придонесе за скорешна посета на компании каде конкретно ќе се интересираат за можностите за инвестирање и начините за проширување на својот бизнис – изјави Виктор Мизо.
Извршниот директор на Стопанската комора на државата Илиноис во кој спаѓа и градот Чикаго, Лаура Ортега се осврна на можностите за соработка и искористување на потенцијалите во насока на развивање на економските односи.
– Стопанската комора на државата Илиноис опфаќа 3500 членови фирми, вклучувајќи и брендови и големи корпорации како „Катерпилар“, „Џон Деар“, „Боинг“, но и средни и мали компании. Во основа во нашата комора има најголема концентрација на фирми кои спаѓаат во групата на 500 (форчн) најголеми фирми во светот и кои имаат свои претставништва овде во Илиноис. Ги информирам членовите на комората за многу работи, а она што можам да го кажам за вечерашниот форум е дека сум апсолутно импресионирана за Македонија и можностите кои ги нуди и бизнис околина за која многу компании збореа. Импресионирана сум и со нетрпение ќе ги пренесам тие информации до компаниите од Стопанската комора на Илиноис за да се овозможи доколку можеме конкретна соработка – изјави извршниот директор Лаура Ортега.
Дејвид Јанќосек кој е сопственик на инженерската компанија „Гленмон Глобал Солушн“, посочи дека размислува за отворање на компанија во Македонија која ќе отвори можност за ангажирање на висококвалификувана работна сила и ќе се занимава со инженерство и проектирање. Засега тоа се првични планови кои подетално ќе се разработат откако ќе ја посети државата.
– Задоволен сум што имам прилика да слушнaм непосредно од премиерот Груевски како Македонија реинвестира и гради за доброто на Македонија, за обезбедување на нула проценти данок за реинвестирана добивка, како и за можноста за давање под закуп на земјиште под поволни услови за период до 99 години. Многу сум возбуден од можностите за отпочнување на бизнис во Македонија и затоа го користиме овој форум за соработка и контакти за да ние инвестираме во Македонија во инженерството кое ни е неопходно во САД. Наместо да носиме инженери тука ние сакаме да вработиме инженери и веројатно да отвориме бизнис во Македонија – изјави Дејвид Јанќосек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.