| четврток, 6 декември 2018 |

Барселона по рехабилитација во Амстердам, Меси во атака на рекордот на Раул

Барселона ќе оди на победа во Амстердам против Ајакс во битката на европските гиганти, вечерва од 20.45 часот, а целта на Каталонците е да ја сопрат низата од два порази.

Лионел Меси ќе биде главниот адут на четирикратниот европски првак, а Аргентинецот има и лична цел и ќе се обиде да стане најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите, вклучувајќи го и Купот на европските шампиони, како што до 1992 година се викаше ова натпреварување.

Меси досега има постигнато 69 погодоци, два помалку од рекордерот Раул Гонзалес и еден зад Кристијано Роналдо. Очигледно е дека остварувањето на легендарниот играч на Реал Мадрид, Раул, ќе падне сезонава, но дали прв до целта ќе стигне Меси или Роналдо, ќе се знае во наредните мечеви. Роналдо синоќа не постигна гол против Ливерпул, па Меси има шанса со хет-трик на „Амстердам арена“ да стане крал на стрелците во ЛШ.

mesi

Барселона има два порази во низа во шпанското првенство, Ајакс нема победа во три кола во овој циклус од ЛШ, па јасно е дека ќе нема калкулации во Амстердам.

Право на кикс нема ниту скапиот тим на Манчестер сити, кој ја пречекува ЦСКА Москва. Популарните „граѓани“ прокоцкаа предност од два гола на гостувањето во Русија во претходното коло, освоија само еден бод и не смеат да си дозволат луксуз со нов неуспех. Манчестер сити има 2 бода, зад Рома со 4 и лидерот Баерн Минхен со 9 бода. ЦСКА е последна со еден бод и исто така не смее да загуби ако има европски амбиции.

Баерн Минхен е подготвен за нова голеада против Рома, по фантастичната победа од 7-1 во Рим.

Со товарот од седмица во Украина патува и белорускиот првак Бате Борисов на мегдан на Шахтар Донецк. Луиз Адријано е ноќна мора на белоруските фудбалери откако дури 5 пати им ја затресе мрежата во Борисов во победата на Шахтар од 7-0.

Рехабилитација за дебаклот на „Стемфорд бриџ“ од 0-6 ќе бара Марибор на свој терен против Челси. Настапот на македонскиот репрезентативец Агим Ибраими за „вилоетовите“ е неизвесен, а Марибор мора да победи ако сака да ги задржи шансите за пласман во следната фаза.

Двојки, 4. коло, 20.45 часот:

Група Е: Баерн – Рома, Манчестер сити – ЦСКА

Група Ф: Ајакс – Барселона, ПСЖ – Апоел

Група Г: Марибор – Челси, Спортинг – Шалке 04

Група Х: Шахтар – Бате Борисов, Атлетик Билбао – Порто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top