| четврток, 6 декември 2018 |

Родителите протестираа пред општината, кичевските училишта сè уште без греење

Во кичевските основни училишта „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Владимир Полежиноски“ веќе шести ден нема настава поради проблем со греењето, а денеска на протест излегоа и родителите на учениците пред општинската зграда со барање до градоначалникот Фатмир Дехари да го реши проблемот со огревот во училиштата.

Дехари ги прими родителите и им рече дека училиштата се со блокирани сметки, а Општината се обратила до Владата.

– Значи, не сме во состојба да ги снабдуваме. Доставивме барање до Владата да ни одговори позитивно за стоковните резерви со нафта за греење. Кичево е модел за соживот во државава и за овие 18 месеци немавме ниту еден најмал проблем во ниедна област, особено во делот на образованието, изјави Дехари.

Според Орце Наумоски, директор на ОУ „Кузман Јосифоски Питу“, тие ги добиле блок- дотациите од Министерството за образование и наука за материјални трошоци. Од септември се обраќаат до општината.

– Сметката ни е блокирана две и пол години. Парите одат на извршители и плаќање стари долгови. По задолжение од службите на општина Кичево, оваа година распишавме јавен оглас за набавка на нафта, но на огласот не се пријави ниеден понудувач. Сега бараме од градоначалникот помош за да се реши овој проблем, бидејќи учениците губат наства веќе шести ден, рече Наумоски.

При крај со огревот е и ОУ „Санде Штерјоски“ со 1300 ученици. Проблем засега немаат гимназиите „Мирко Милески“ и „Дрита“. како и училиштата во руралните средини. Во општината има 10 училишта со вкупно 6 500 ученици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top