| четврток, 6 декември 2018 |

Кампањата на СДСМ на кредит

Опозицискиот СДСМ повторно зел кредит за да ги финансира изборите иако државната антикорупциска комисија пред две години поднесе кривична пријава за нив бидејќи кредит не може да биде извор на финансирањето. Но, во партијата се убедени дека кредитот е дозволен за плаќањето на трошоците во кампањата, пишува „Дневник“.

– Зедовме т.н. надополнувачки кредит од Комерцијална банка, што значи дека имаме можност да повлекуваме пари за потребите на кампањата. Колкави ќе бидат тие на крајот, не знаеме, но тогаш тој ќе се затвори. Ќе го враќаме од средствата што ќе ги добиеме по основа на добиените гласови. Тврдиме дека нема ништо спорно во тоа – изјавиле од СДСМ за „Дневник“.

По парламентарните избори пред две години СДСМ го прикажа како „донација“ кредитот од 1,5 милион евра, кој, исто така, го зел од Комерцијална банка. Но, Државната комисија за спречување на корупцијата не го прифати тоа, ниту сметаше дека е дозволено кредитот да биде извор на финансирањето.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговориле дека не можат да кажат колку ќе ги чинат локалните избори.

– Склучивме договори со сите со кои соработуваме во кампањата, со официјални ценовници, ќе ги испочитуваме сите обврски предвидени со законот. Не можеме да кажеме колку ќе чини на крајот – вели за „Дневник“ Илија Димовски, директор на партискиот Центар за комуникации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top