| четврток, 6 декември 2018 |

Мијалкова и Чичијашвили во главните улоги во балетската претстава „Дамата со камелии“

Кореографијата на балетот, по музика на Џузепе Верди, е на Василиј Медведев од Русија, при што ќе настапи балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ, под водство на диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ

Aleksandra-Mijalkova-Vasil-Chichijashvili-Damata-so-kamelii-01

Првенците на Македонската опера и балет, Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили, ќе ги играат главните улоги (Маргарита и Арман) во балетската претстава во два чина „Дамата со камелии“, која премиерно ќе биде изведена вечерва во 20 часот во МОБ. Кореографијата на балетот, по музика на Џузепе Верди, е на Василиј Медведев од Русија, при што ќе настапи балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ под водство на диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ.

Ова е прва соработка на МОБ со кореографот Медведев, кој е и првпат во Македонија. На прес-конференција денеска тој рече дека претставата првпат ја режирал во 1996 година во Санкт Петербург.

Примабалерината Мијалкова рече дека ѝ е чест и задоволство да работи со познати уметници од кои се уште може да се научи нешто ново. Таа ќе го игра комплексниот лик на Маргарита.
– Во целата претстава таа има различни состојби кои треба да се доловат за публиката да ја доживее вистински. Работевме напорно и од мене е извлечен максимумот – рече Мијалкова, која ќе ја игра Маргарита на премиерата и на првата реприза на 4 ноември, заедно со Васил Чичијашвили во улогата на Арман.
Бобан Ковачевски ќе го игра Арман во втората и во третата реприза на „Дамата со камелии“ (на 7 ноември со Марија Кичевска-Шокаровска и на 28 ноември со Мими Поп Алексова-Атанасовска).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top