| четврток, 6 декември 2018 |

Косово повеќе не е српско

dacic1
Ова во интервју за неделникот „Нин“ го изјавил српскиот премиер Ивица Дачиќ, пренесува „Нетпрес“.
„Десет години си мечтаев дека Косово е наше иако тоа е впишано во српскиот Устав. Но, денеска и тоа не помага. Српскиот претседател не може да влезе во Косово, исто како и премиерот, министрите, полицијата и армијата. Ето колку е наше. Таму не функционираат српскиот Устав и закони – рекол Дачиќ.
Според него, за косовските Срби денеска е јасно само едно – да ја напуштат самопрогласената република.
Српскиот премиер додал дека во блиска иднина Србија очекува воспоставување нови, „реални“ државни граници, а, исто така, и спасување на она што сè уште може да се спаси во Косово – на прво место да се обезбедат Србите што живеат таму, да имаат нормален и безбеден живот.
– Само на тој начин Србија може да има иднина – рекол Дачиќ.
Според западните набљудувачи, овие изјави на Дачиќ говорат за подготвеноста на Белград да изврши историски пресврт во своите односи со Приштина за што е можно побргу да добие датум за почнување преговори за влез во Европската унија.
Инаку, Косово објави еднострана независност во февруари 2008 година. Досега е признаено од околу 90 држави во светот, меѓу кои и повеќето од земјите-членки на ЕУ, како и од САД. Србија до моментов не сака да го признае суверенитетот на својата поранешна автономна провинција, која е населена претежно со Албанци.
Еден од основните услови за почнување преговори на Србија со ЕУ е нормализирањето на односите со Приштина. Брисел му даде на знаење на Белград дека без признавањето на Косово европската перспектива на земјата нема да се реализира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top