Филип Петковски е вистинско освежување во Првата македонска лига, голгетер што е во одлична форма и клучниот фудбалер на Вардар за успешниот од во домашниот шампионат. Момчето што има 24 години е во гол-серија од пет натпревари на кои ги тресеше противничките мрежи и, што е уште поважно за лидерот Вардар, сите беа значајни, пресудни, победнички. Против Брегалница во Штип во меч од третата рунда доби шанса да игра во финишот и со гол во 90. минута му донесе победа и три бода на својот тим. Потоа сѐ повеќе се наметнуваше кај стручниот штаб на „црвено-црните“ и се избори за место во стартната постава на најтрофејниот клуб кај нас.
Неговата приказна е таа вистинската, фудбалска, а Филип ја раскажува на теренот со голови и со добри претстави. Летоска беше повикан на подготовките на Вардар, а условот беше да се наметне, да докаже дека вреди за да го носи „црвено-црниот“ дрес. Во конкуренција на 30 фудбалери голгетерот успешно го помина тестот, а од Вардар сега посакуваат долго да остане во нивните редови.
– Пристигнав на подготовките на Вардар со верба во сопствените квалитети. Па кој не би сакал да игра за клубот со најголема традиција, со најмногу трофеи кај нас? Успеав да се изборам за место во поширокиот состав, но не заборавив дека треба да продолжам напорно да тренирам, да работам, да ги коригирам грешките. Во Вардар владее прекрасна атмосфера, што нѐ доведе до врвот на табелата, а поискусните многу им помагаат на помладите за да бидат подобри, поквалитетни и поуспешни – вели Петковски.

Голот против Брегалница беше само најава на блесокот, а следуваше серијата што почна во седмата рунда против Ренова. Филип го постигна вториот погодок во дресот на Вардар и потоа се случи серија во стилот на најдобрите голгетери во Европа. Погодок против поранешниот тим во кој настапуваше, Работнички, актуелен шампион на Македонија, за победа на Вардар од 2-0. Повторно се запиша во листата на стрелците во следното коло против Силекс за идентичен триумф од 2-0, па победоносен гол во вечното дерби со Пелистер и, како шлаг на тортата, се голот и асистенцијата против Шкендија, најголемиот конкурент на Вардар за титулата во домашното првенство. Тоа е Филип Петковски, неговата приказна од резерва, до втор стрелец во првенството со шест гола и до заслужен епитет „хит“ на првите 11 кола во домашниот шампионат.
– Нормално е дека посакувам серијата да продолжи, но најважно е Вардар да победува. За среќа, сите погодоци беа важни, ни донесоа бодови, победи, освен тој против Ренова. И да не заборавам, моите голови се плод на тимска игра, заслуги имаат сите играчи на Вардар. Јас сум во составот за да давам голови, тоа е улогата на напаѓачите и засега сум задоволен од ефектот. А, атмосферата во клубот е прекрасна, имаме тим што е квалитетна комбинација на искусни и на млади играчи. Мислам дека Вардар го има најдобриот состав во Македонија. Никој нема лидер каков што е Грнчаров, интернационалци како Хамбарџумјан и Дашјан, докажани играчи од калибарот на Таневски, Гроздановски, Деспотовски, Ивановски, Глигоров, Глишиќ, Петров и талентирани фудбалери од калибарот на Асани, Иванов, Серафимовски… – додава првиот стрелец на Вардар.
Клубот сигурно чекори кон нова осма титула во Македонија, вкупно деветта, ако се смета круната од југословенскиот шампионат во сезоната 1986/87 година.
– Мислам дека сѐ уште не е готово. Има уште многу да се игра во домашното првенство, но со триумфот во Тетово ние сме многу поблиску до целта. Шкендија ни е главен конкурент и треба да ни гостуваат уште еднаш, а имаме девет бода предност по само 11 кола. И шампионот Работнички игра сѐ подобро, со што се шири кругот на кандидати за титулата. Сепак, квалитетот на Вардар и стандардно добрите игри во континуитет се гаранција дека на крајот, сигурно, ќе ѝ се радуваме на титулата – коментира 24-годишниот напаѓач.
Головите се гаранциjа за подолг престоj во Вардар
Кога напаѓачите во континуитет даваат голови, логичен е интересот од клубови од странство. И за Филип Петковски има понуди од екипи од Австрија, од Грција и од уште неколку странски шампионати, но младиот напаѓач е цврсто на земја. Но и во Вардар не спијат, па му понудија нов тригодишен договор на стрелецот на шест гола во досегашниот дел од првенството.
– Сега размислувам само за Вардар. Не сакам да летам во облаци, сѐ уште не сум постигнал ништо, кариерата е пред мене. Во Вардар лесно се губат позициите бидејќи има остра конкуренција за секоја позиција. Јас ќе продолжам напорно да тренирам и да се трудам да постигнувам што повеќе голови. Само тоа ме интересира во моментов, како клубот да ја продолжи победничката серија и да се задржи на врвот. Понудите ми годат, но Вардар е мојата иднина – вели Филип Петковски, момчето што е најпријатно изненадување во есенскиот дел од фудбалскиот шампионат на Македонија.
Фудбалот се игра за публика, а Петковски верува дека трибините на арената „Филип Втори“ ќе бидат сѐ пополни, ако Вардар продолжи да игра во досегашниот стил. „Црвено-црните“ се без пораз и со 27 бода се уверливо први по 11 кола.
– Јас сум оптимист по природа и верувам дека публиката сѐ повеќе и почесто ќе доаѓа на нашите натпревари. Ова е сериозен фудбалски проект, очекувам Вардар повторно да биде магнет за публиката, како клуб што е убедливо најпопуларен во Македонија. Полесно е да се игра пред полни трибини, добиваш крилја, дополнителен мотив за уште подобри игри и секој фудбалер посакува да ги прослави победите со навивачите, пред полно гледалиште – вели Филип.

Тој потекнува од спортско семејство. Неговиот татко Сашо Петковски е поранешен фудбалер, играч што настапувал на истата позиција како и Филип, а неговиот чичко Сотир Петковски е поранешен член на Управниот одбор на шаховската федерација на Македонија. Советите од поискусните се добредојдени за вториот стрелец во фудбалското првенство.
– По секој натпревар разговараме за фудбалот, особено со татко ми. Неговите совети секогаш се добредојдени. Малку потешко е да се задоволи неговиот вкус. И кога играм најдобро, тој вели дека не е добро, дека мора да биде уште подобро. Здравата критика ја прифаќам и секогаш се трудам да ги исправам грешките. Сега имам среќа што во Вардар играат и работат фудбалери што имале успех во странски клубови, настапувале во силни лиги. Драгоцени се советите од Александар Васоски, полесно е кога Гоце Седлоски ве советува како да се поставите, како да го надмудрите одбранбениот играч, кои се слабите точки на противничката одбрана. Полесно се учи од поранешен капитен на македонската репрезентација со 100 настапи во дресот со национални обележја – ни изјави Петковски.
И желбите се фудбалски, а Филип посакува двојна круна со Вардар, да стаса до деби-настап во репрезентацијата на Македонија и, секако, со „црвено-црните“ да се најде на европската мапа во едно од двете престижни клупски натпреварувања, Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Самиот факт дека македонска екипа никогаш не била дел од тоа друштво за Петковски е дополнителен мотив да се успее.
– Има екипи што докажаа дека не е се во парите. Во Лигата на шампионите настапуваат и Марибор, Лудогорец, во изминатите години се етаблираа како редовни учесници и Динамо Загреб, Партизан, Апоел, што ни дава надеж дека и Вардар може да успее. Секако дека финансиите се еден од клучните сегменти, а ние го имаме во клубот спонзорот Сергеј Самсоненко. Значи столбот го имаме, а со уште неколку квалитетни засилувања и со уште подобра усогласеност на тимот, мислам дека можеме да ја минеме таа фамозна пречка и да играме во ЛШ или во ЛЕ. Јас посакувам Македонија во иднина да има повеќе екипи во фазата по групи во двете европски натпреварувања. Само така ќе се надеваме на враќање на фудбалот во Македонија на рамниште на ракометот и на кошарката, спортови што во моментов привлекуваат повеќе внимание и публика – заврши Петковски.
(Пишува: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 112. број на неделникот „Република“, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вардар испиша историја со најновиот ранкинг на УЕФА
-
Поранешен фудбалер моли за помош: Беше дел од „златниот“ Вардар, а сега трпи за леб (видео)
-
Муслиу си поигра мајтап со Вардар: Ќе потпише со Приштина, па веднаш на позајмица во Шкендија
-
Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната, целта е нов трофеј


