Македонија доби репрезентативен Археолошки музеј со кој се вброи во светската културна мапа на вакви институции. Министерката Елизабета Канческа-Милевска го нарече музеј на 21 век. Колку артефакти се изложени во моментов, а кои ќе се изложуваат подоцна? Со какви технологии располага објектот и каков вид презентации им нуди на посетителите?
Честоева: По малку повеќе од три децении, конечно, Археолошкиот музеј на Македонија доби современ музејски простор во центарот на Скопје, кој како објект веќе е препознатлив во градот. Неговата уникатност е по два основа, по својата архитектонска грандиозност и по раскошна архитектура (неокласицизам) и по неговата местоположба покрај кејот на реката Вардар, со што, конечно, го доби вистинското место за да го претставува нашето вредно културно наследство.
Ексклузивно сакам да најавам дека на простор од 6.000 квадратни метри бројката од 6.000 артефакти е веќе надмината и сега изнесува 7.800, со тенденција да продолжи по нагорна линија.
Во постојаната поставка е претставен широк временски распон – од палеолитот, 40.000 година пред н.е, па сѐ до отоманскиот период до 19 век.
Објектот располага со најсофистицирана музејска технологија по најсовремени музејски стандарди, со видеоанимации, со интерактивни ЛЕД-подови и екрани, кои надополнети со амбиентална музика автентично го доловуваат нашето богато културно наследство.
Kопијата од Александровиот саркофаг од 4 век пред новата ера, чијшто оригинал е изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул, е еден од најатрактивните предмети во новиот Археолошки музеј во Скопје. Можеби евентуално Срамежливата Венера му парира според атрактивноста. Претпоставувам има соодветно обезбедувањето на саркофагот, впрочем и на целиот музеј?
Честоева: Освен копијата на Александровиот саркофаг, кој е поставен на посебно место во левото крило на приземјето на музејот, како добропозната архитектура на македонски тип на храм со живописни релјефи на кои е претставена битката на ИС, тука се и ремек-делата на античката уметност, која била создавана на територијата на Македонија , и заедно со Венера Пудика се дел од богатиот лапидариум.
Што се однесува до видеонадзорот, тој не се однесува само на одделни артефакти,туку овозможува 24-часовен мониторинг – контрола на целиот простор со внатрешни и со надворешни камери, кои се управуваат со посебен софтвер за видеонадзор, според највисоки светски стандарди.

Во Музејот се изложени и предметите одземени во „Фаланга 1“. За кои предмети станува збор? Колкава е нивната вредност и каде се најдени?
Честоева: Од страна на судот со правосилност на пресудата на Археолошкиот музеј на Македонија му беа предадени повеќе артефакти што беа запленети во акцијата „Фаланга“, кои денес ги красат витрините на новиот Археолошки музеј. Станува збор за монети, накит, бронзени статуетки, теракотни фигурини, кои, според типолошките карактеристики, потекнуваат од повеќе археолошки локалитети и кои имаат бесценета вредност.
Со поставувањето на артефактите во новиот Музеј, конечно тие излегоа од депоата. Дали на оваа поставка ќе ѝ се придружат и златните предмети, кои во моментов се на изложба во Германија?
Честоева: Јавноста за првпат ќе има можност на едно место да види толкав број артефакти, кои досега се чуваа по музеите и по нивните депоа. Златните предмети што беа дел од изложбата во Германија како дел од проектот „Судир на културите“, по 16 ноември ќе бидат дел од националната поставка на Археолошкиот музеј.

Деновиве македонската јавност ќе може да погледне уште една уникатна изложба. За што станува збор?
Честоева: Би сакала да ја најавам изложбата на мозаиците од Равена во соработка со општината на градот Равена, Амбасадата на Република Италија во Македонија, под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, кои во Археолошкиот музеј ќе бидат изложени на 24 октомври во 19 часот. Во иднина, Музејот ќе биде отворен за соработка со сите меѓународни и домашни институции во презентирањето на богатото културно наследство.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 112. број на неделникот „Република“, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


