Валандово се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија. Гратчето е опкружено со зеленило, разновиден растителен свет и убави пејзажи. Жителите велат дека имаат 260 сончеви денови во годината, а медитеранската клима овозможува, освен лозарството и разновидните градинарски култури, да се одгледуваат и медитерански производи, како: смокви, бадеми, маслинки, но најраспространети се калинките и јапонските јаболка. Кога го посетивме Вландово немаше двор каде што не беше засадено барем по едно од овие дрвја. Беа преполни со плодови.
– Сега се берат јапонските јаболка и калинките. Одете по улицата надолу и ќе видите цели дрвореди – нѐ упати една жителка на Валандово.
Навистина, гранките беа преполни со плодови, а валандовчани плодовите со задоволство им ги нудат на своите гости. Тие дури направиле и фонтана со калинка во центарот на Валандово, а во чест на симболот на овој град, организираат и Ден на калинката.
– Само во Валандово може да се сретне калинката со седум различни бои, со сета благотворност, грациозен изглед и ненадминлива личота. Калинката била и остана основната егзистенција и заштитен знак на валандовчани низ вековите – вели Мирчо Карамучов.
За настанокот на Валандово нема доволно извори, но се знае дека за првпат се споменува во писмените историски извори во десеттиот век, под името Валандер.
Во Валандово се раскажува легендата за доаѓањето на Крале Марко. Еднаш на враќање од Беласица во Прилеп, според легендата, Крале Марко го запрел коњот под Кулата за да се одмори. Пред него се распослала живописната Валандовска Котлина и тој го задржал погледот врз црквата „Св. Ѓорѓи“. Влегол во храмот и му се помолил на Бога, а по излегувањето од црквата останал да се одмори во убавиот предел на планината Плавуш, меѓу манастирската црква и Исар – Марковата кула. Оттука ги набљудувал живописната Валандовска Котлина, водотеците на Вардар и на Анска Река. Потоа го продолжил патот кон седиштето на неговото кралство. Според едно предание, подоцна тој изградил кула над храмот „Св. Ѓорѓи“, која во негова чест е наречена Маркова кула.
Денешната манастирска црква е недоволно атрактивна. Таа е мала по големина, градена е од камен.
– Оваа еднокорабна црква со низок свод, чијашто поственост е во насока исток-запад, лоцирана е до брегот на една надолнина. Внатрешноста на малата манастирска црква е исполнета со скромен фонд на икони, слики и дрвен мебел. Некои од иконите се изработени по земјотресот во 1931 година, кој ја разурнал црквата, но има и такви што се изработени во поново време – ни раскажа една жителка на Валандово.
Во општината Валандово постојат повеќе археолошки наоѓалишта, кои сведочат за богатата историја на овој крај. Така, во минатото, таа била дел од областа Пеонија, за што постојат многубројни докази. На просторот каде што денес се наоѓа градот Валандово се пронајдени остатоци од римската антика, кои се присутни во трите зони на археолошкиот комплекс Валандово. Исто така, во овој комплекс се пронајдени остатоци од пеонската цивилизација, како и од хеленистичкиот, римскиот и од рановизантискиот период. Врз основа на овие откритија се проценува дека во антиката Валандово достигнало висок цивилизациски развој, за што сведочат мозаиците со површина од околу 200 квадратни метри во северозападниот дел на градот, како и мозаиците откриени во местата Расадник и Стакина чешма.
На оддалеченост од седум километри југозападно од Валандово, од левата страна на Вардар, во близината на селото Марвинци, се наоѓа археолошкото наоѓалиште Исар-Марвинци, во кое се откриени траги од праисториска населба врз чиишто остатоци подоцна се развила античка населба од хеленистичкиот период. Оваа населба прераснала во значаен економски, сообраќаен и културен центар на областа, која се нарекувала Амфакситида.
Валандово е познaто и по својот музички фестивал „Фолк-фест“, кој се одржува во континуитет веќе 30 години, а годинава за првпат се одржа во новата сала.
Покрај богатата и долга музичка традиција во регионот, веднаш кога ќе стапнете во Валандово ве одушевува чистотата на градот.
– Ме изненадува хигиената на гратчето, и тоа позитивно – ни рече една посетителка дојдена за фестивалот додека шетавме низ главната улица на Валандово.
Старата архитектура говори за едно време кога музичката традиција подразбирала седенки под старото дрво во центарот на градот и пеење серенади под балконите, а покрај позната слаткарница на главната улица, која сѐ уште прави традиционални слатки, затековме и самарџија. Еден од ретките занаети што сѐ уште опстојуваат. Додека разговаравме со него ни раскажа дека покрај фестивалот, во Валандово се одржува и ракијада.
– Ракијадата, пред сѐ, има социјален момент, се дружиме, но има и натпреварувачки карактер. Учесниците на ракијадата се натпреваруваат во варење ракија, а учесници можат да бидат тие што уживаат во традиционалното варење ракија.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 112. број на неделникот „Република“, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Мицкоски од Валандово: СДСМ велат дека дошол живот за сите, но реалноста е друга (видео)
-
Мицкоски: Валандово е заборавено од владата! (галерија)
-
Мицкоски порача од Валандово: Економската сигурност мора да се врати, помислата за нови инвестиции станува невозможна!