Македонската дијаспора има големо влијание врз македонската економија, а потенцијалите кои таа ги има се огромни, но недоволно искористени. Кога станува збор за дијаспората, најчесто станува збор за нејзино инвестирање, кое се изразува преку прилив на одредени средства, но треба да се искористат и човечките потенцијали кои ги нуди дијаспората.
Според претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, во моментот девизните приливи од иселеништвото најмногу се користат за поддршка на семејните буџети или за инвестиции во недвижности, а би било далеку подобро доколку тие би биле насочувани во инвестиции за претпријатија.
– Приливите во 2012 година изнесувале 1,5 милијарди евра, а во 2011 година 1,4 милијарди евра. Дури и во кризните години вкупните девизни приливи од странство кон Македонија биле 1,9 милијарди евра во 2009 и 1,3 милијарди во 2010 година, што покажува дека дури и во кризни години приливите од дијаспора задржуваат константа и има навистина голема улога за Македонија. Во овој момент девизните приливи од иселеништвото во Република Македонија најчесто се користат за поддршка на семејните буџети на блиските коишто живеат во земјава, за обнова или инвестирање и изградба на недвижнини, и одреден дел за образование и тековни заштеди кај одредени семејства. Сметаме дека тоа што може да се направи е да се изготви една национална стратегија како и до која мерка би било можно овие девизни приливи да ги стимулираме, наместо да бидат за секојдневни трошоци или инвестирање во недвижнини, полека да се преобратат во девизни приливи кои би биле насочувани во инвестирање во мали и средни претпријатија, со можност понатаму тие преку приходот да ја вратат инвестицијата којашто била остварена – вели Милошоски.
Девизните приливи кои дијаспората ги прави во Македонија изнесуваат 18 проценти од БДП-то на земјата, вели гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, додавајќи дека економските ефекти можат да се лоцираат во повеќе области.
– Околу 180 милиони се дознаките коишто се стигнати преку легалните канали, односно преку брзиот трансфер на пари или банкарскиот систем, и таа бројка е доста стабилна во сите овие години. Останатите пари пак доаѓаат преку менувачкото работење, а кај менувачкото работење не можеме да кажеме дека сите пари се дознаки од наши граѓани иселеници во странство, бидејќи дел од она што се менува во менувачниците е од странските туристи кои доаѓаат во земјата. Преку овие параметри би дошле до некоја прочистена бројка на дознаки којашто би била близу 900 милиони евра. Приватните трансфери во континуитет кај нас изнесуваат околу 18 проценти од БДП-то и тие се исклучително стабилни, дури и во кризните години тие не се намалија, туку имавме и периоди кои тие се зголемија. Чистите дознаки пак изнесуваат 12 проценти од БДП-то, а во последните години се прават доста напори за расветлување на овие бројки. Според анкетите, некаде од 55 до 80 проценти од вкупниот прилив се користат за потрошувачка, а многу помал дел, од 11 до 18 проценти биле наменети за подолгорочно штедење и инвестирање. Можеме да констатираме дека најголем дел е наменет за тековните потреби на семејствата на иселениците а многу помал дел се користи за инвестиции, а дури и тоа што се користи за инвестиции оди во недвижности, а многу подобро би било кога тие би биле насочени во некоја продуктивна инвестиција – смета Богов.
Според Богов, постојат повеќе мерки со кои би се искористиле потенцијалите кои ги нуди македонската дијаспора, а еден од нив е и перманентно враќање на иселениците и живеење и работење во земјата.
– Подобар процес би бил исто така и кога би успеале да вратиме одреден дел од иселениците, односно кога ќе ги видат овие можности да дојдат и да придонесуваат за развојот на нашата економија а секако дека такви кадри би биле корисни и за странските компании кои се присутни во земјата. Оние пак што немаат желба да се вратат или немаат таква намера поради разни причини, можеби сакаат со својот капитал и самите да имаат бенефит и да остварат принос, а и да помогнат за развојот на македонската економија – додава Богов.
Според министерот за странски инвестиции Веле Самак, кој и самиот е повратник од САД, по поминати 14 години таму, кога се говори за дијаспората мора да се има во предвид и генерацискиот јаз на оние кои заминале во раните години на минатиот век од една страна, и оние кои заминаа во последните 25 години.
– Пред се кога размислуваме за дијаспората мораме да размислуваме за оној генерациски ефект односно за дијаспората која заминала во раните години од минатиот век па се до некаде средината на 80-тите години, а потоа онаа друга генерација која замина во последните 25 години, генерално помлади луѓе но и повозрасни. Она со кое што се соочувавме ние како помлада генерација се различните размислувања, честопати стереотипите беа поврзани со онаа постара генерација која имала помали контакти и не била во тек со се што се случувало со Македонија во тој период. Помладата генерација којашто емигрираше пак бараше нови можности, за слобода, не ја напушти Република Македонија комплетно, но бараше начин за да се издигне и да ги искористи оние шанси. Во целиот тој процес главниот фокус останува на образованието, кариерата, работа, фамилија, деца итн, и реално е да се каже дека малку време беше одделено, а уште помалку ресурси за она што може и како да се помогне за Република Македонија – вели Самак.
За Самак, дијаспората може да направи многу за земјава, но само доколку наиде и на соодветна повратна реакција од тука.
– Сите сме се соочиле со очекувањата околу тоа што прави дијаспората всушност, колку пари се заработуваат во таа дијаспора и зошто тие не доаѓаат во Македонија но како што видовме тие пари се сливаат во земјата. Често пати кога бевме во можност на било кој начин да и помогнеме на Република Македонија, се наидуваше од отпор и одбивност, несакање и немање вистински канал кој може да се искористи за дијаспората да помогне на Македонија. И малата помош којашто била направена не наишла на било какво разбирање или признавање. Постоеше еден период во текот на 90-тите години, и почетокот на овој век кога тој јаз остана каков што е, без разлика на постарата или помладата генерација на дијаспората. Јазот постоеше подолг период и донекаде се уште постои, но сме во ситуација кога со поголема отвореност и поголемо движење на дијаспората во Република Македонија, сме во фаза на приближување на тој јаз – вели министерот.
Начинот на кој што дијаспората може да помогне во привлекувањето на странски инвестиции пак, е преку контактите и ресурсите кои тие ги имаат, а за ова според Самак е потребна почеста и поредовна комуникација меѓу државните институции и дијаспората.
– Треба да има почеста и поредовна комуникација меѓу нашите државни институции и дијаспората, да се знае реално кои се можностите и каде се движи таа дијаспора, и да се овозможат можности на ист начин за да се врати тоа знаење и доволно е да се има истиот пристап што се има со странските фирми. Дијаспората треба исто така да го преземе истиот ризик, доколку е во можност – заклучува Самак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дијаспората му порача на Заев: Треба да дадете неотповиклива оставка!
-
Огромен пад на гласачите во дијаспората: За референдум се регистрирале 3 проценти од гласачите, а од нив помалку од 1.000 луѓе гласале
-
Оваа година има три пати помалку капитални инвестиции споредено со лани
-
Грција се најде на седмото место меѓу странските инвеститори во државата