| четврток, 6 декември 2018 |

Берлинска донаторска конференција за сириските бегалци

syria refГерманската влада денеска е домаќин на меѓународна конференција во Берлин, каде што земји-донатори и пратеници од Јордан, Либан и од Турција ќе разговараат како да им се помогне на сириските бегалци пред претстојната зима. Во пресрет на конференцијата, канцеларката на Германија, Ангела Меркел, синоќа изрази надеж дека конференцијата ќе испрати силен сигнал за солидарност. Германија бара ЕУ да додели средства за помош на милиони сириски бегалци.

Германскиот министер за економска соработка и развој Герд Мулер изјави дека во моментов се одвива една од најголемите катастрофи на векот и дека ќе страдаат многу луѓе, ако не се преземат итни и решителни дополнителни дејства. Според него, за таа цел може да бидат доделени милијарда евра од сегашниот буџет на ЕУ.

Повеќе од 50 хуманитарни организации излегоа со повик во Берлин за зголемување на средствата за Сиријците, како и западните земји да прифатат повеќе од 180.000 од сириските бегалци. Милиони Сиријци се раселени во самата Сирија или живеат во кампови во близина на границите на земјата. Според податоците на службата на ОН за координација на хуманитарни прашања 3,2 милиони Сиријци избегале во странство, а 6,45 милиони се внатрешнораселени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top