Во тек е реализацијата на првата фаза од конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Св. Спас“ во Штип, проект предвиден во Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура, информираат од Министерството.
Стручните служби на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип во рамките на првата фаза, што е предвидено да заврши до крајот на годинава, ќе извршат препокривање на црквата заради превентива од влага, по што ќе се изврши чистење на живописот кој датира од 14 век и 17 век, како и консолидација на фреските во горната зона.
Со реализацијата на втората фаза ќе се изврши ретуширање на оштетените делови во црквата, а целосната реализација на проектот се очекува во текот на 2015 година.
Фрескоживописот во црквата „Свети Спас“ претставува извонредна творба на живописување на црквите од тој период, а како сликар на фрескоживописот кој се одликува со исклучителни тонски квалитети, се јавува зографот Јован.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.