| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ не знае што значи одвојување на државата од партијата

sdsm-rakovodstvo-Konvencija-SDSM-Pretsedatel-2014-14-Custom-740x437

Да се одвои државата од партијата. Тоа е единствената политичката мантра што јавноста ја слуша од СДСМ изминативе шест месеци откако ги оспори резултатите од априлските парламентарни и претседателски избори и е во бојкот наведувајќи дека партизацијата и злоупотребата на државата од страна на партијата на власт е причина за нивниот пораз.

– Но, дури и по половина година, иако го условува своето враќање во институциите токму со ова, партијата на Зоран Заев сѐ  уште не одговара што конкретно значи да се одвои државата од владејачките партии за време на избори и кои се решенијата што тие ги нудат за тоа. Единствено говорат дека тоа треба да се направи преку техничка влада, прочистен Избирачки список, измени во изборното законодавство и законите за медиумите. Ако ги прашате конкретно за какви законски измени треба да стане збор, одговараат: во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР бидејќи и тие констатираа дека имало злоупотреба на државата од партијата на власт за време на изборите, пишува весникот.

По таа логика, „Дневник“ ја прашал и мисијата на ОБСЕ за тоа кои би биле конкретните решенија, односно кои закони во кои делови треба да се изменат за нејзината набљудувачка мисија на избори да ја тргне оваа забелешка од своите извештаи, а опозицијата да биде задоволна од резултатите. По долго чекање, не добиле одговор од ОБСЕ.

Јавно упатуваат на ОБСЕ, потајно сонуваат функции.

Дали ова значи дека СДСМ и Зоран Заев не знаат всушност што сакаат и бараат?

– Kонкретните решенија треба да произлезат како резултата на преговори, но нашиот став оди во насока на тоа што и ОБСЕ го констатираа како нерегуларности и препорачаа по изборите да се најдат гаранции за одвојување на државата од партијата – велат од СДСМ.

Тоа е речиси истиот одговор што „Дневник“ го добил во јуни, кога побарале да им го прецизираат одговорот, од СДСМ одговориле со следново:

– Се разбира, институциите се одвоени од партијата на власт кога не се подложни на нејзини притисоци и работат самостојно и професионално. Тоа може да се овозможи само преку формирање техничка влада, која ќе обезбеди услови за професионална работа на институциите и ќе обезбеди гласачите без притисоци да ја искажат својата волја.

-„Дневник“ сега разговара со неколкумина членови од Извршниот одбор на СДСМ за тоа дали социјалдемократите имаат подготвени барем начелни ставови за прашањата на измени на изборното законодавство и медиумите кога веќе тие прашања ги поставуваат како барања во преговорите со власта и кои се тие. Прашавме што, освен техничката влада, Заев му предложил на Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на оние тајни средби, кои завршиле со неуспех? Сите до еден консултирани партиски функционери искрено ни одговорија дека СДСМ нема конкретни предлози, но дека тие меѓу себе размислуваат во една насока – добивање раководни функции во неколку институции.

– Размислуваме на неколку механизми, кои би биле во рацете на опозицијата, а со кои ќе се спречи функционерите на државните органи да не ја користат институцијата за време на избори во согласност со налогот на партијата – вели еден од функционерите на СДСМ за весникот.

Kако пример за такви механизми ги наведуваат: првиот човек на антикорупциската комисија да биде од редот на опозициската партија, да добијат директорско место или одговорен уредник во јавниот сервис МРТ, а има и такви кои одат до тоа јавниот обвинител да се избира на предлог на СДСМ. Освен ова, СДСМ пред две недели и официјално застана на став да се забрани комерцијалното рекламирање на владата во медиуми и тоа независно дали се работи за предизборие или не – пишуваДневник“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top