| четврток, 6 декември 2018 |

Избори: Утре на полноќ завршува дополнителниот рок за кандидатури

makedonija-izboriУтре на полноќ завршува дополнителниот рок за поднесување кандидатури за советници и градоначалници, што во саботата го изгласа Собранието на Република Македонија откако власта и опозицијата постигнаа договор за надминување на политичките несогласувања. Од СДСМ најавија дека до завршување на рокот ќе поднесат кандидатури за локалните избори до ОИК. За поголем дел од општините веќе се познати имињата на кандидатите за градоначалници од СДСМ и од коалицијата „Сојуз на иднината“, а во завршна фаза се и изготвувањето на советничките листи. Неколку партиски општински организации синоќа веќе ги потврдиле советничките листи. Либералната партија ќе поднесе свои листи за советници и за неколку градоначалници. Либералите ќе поддржат и неколку градоначалници кои не се од нивните редови. Промоција на кандидатите најавуваат за сабота.

Државната изборна комисија (ДИК) го адаптираше роковникот за работа во согласност со продолжувањето на роковите за доставување кандидатури. Се очекува в недела да се изврши дополнителното жребување, по што дефинитивно ќе се знаат редните броеви на листите за гласање. Како што претходно појаснија од ДИК, нема да се врши повторно жребување за редоследот на кандидатите за кои веќе е извршено по првичниот рок 16 февруари, туку тоа ќе се направи само за кандидираните до 8 март на полноќ. Утре треба да се знае кој ќе ги печати избирачките ливчиња. Од ДИК уверуваат дека навреме ќе биде направен изборот на печатницата што ќе ги изработи ливчињата и оти тие, и покрај продолжените рокови, ќе бидат испечатени и дистрибуирани навреме. Во меѓувреме се одржува обука на избирачките органи.

За да се испочитуваат законските процедури, Комисијата за верификација на факти в сабота ќе работи во текот на целиот ден за да ги провери новите кандидатури и да се утврди дали некои од кандидатите за советници и за градоначалници биле соработници со трајните служби.

– Постапката ќе се повтори. Имињата на кандидатите за градоначалници и за советници ќе бидат доставени до четирите институции на проверка, по што Комисијата ќе ги разгледа информациите и ќе достави известување до општинските изборни комисии, односно до ДИК – објаснуваат од Комисијата.

Во дополнителните проверки на Комисијата беа откриени тројца соработници на тајните служби. Како што информира портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски, тоа што е индикативно е дека овие лица ја почнале соработката со тајните служби по 1991 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top