По победата во Нови Сад над Војводина тимот на РК Металург го очекува уште еден натпревар од регионалната СЕХА лига. На домашен терен, тимот од Автокоманда ја пречекува екипата на Борац.
Тренерот на Металург Лино Червар се осврна на минатото на тимот, но и за престојниот натпревар, кој клубот го игра во сабота од 20.15 часот.
– По победата во Нови Сад самодовербата на играчите е на повисоко ниво. По серијата лоши резултати во Лигата на шампионите и високиот пораз од Кил на домашен терен, моравме да победиме против Војводина. Клубот не се откажува од играчите што се темел на еден европски клуб и, секако, целта е да продолжиме по патот што го трасиравме кога дојдов во клубот. Во екипата има млади и талентирани играчи што го понесоа товарот против Војводина и одиграа маестрална партија и во одбраната и во нападот. Моето размслување е да продолжам со таа тактика и на мечот против Борац.
СЕХА-лигата е како и секое друго големо натпреваруње и на секој натпревар ќе се стремиме да победиме. Металург влегува во голем проект за следните неколку години и генерации на играчи и бараме трпение – изјави Лино Червар.
На натпреварот в сабота Червар ќе мора повторно да се потпре на младите сили во клубот бидејќи поради настинка на утринскиот тренинг не присуствуваа Ацо Јоноски и Милорад Кукоски, додека Дејан Манасков влече ситна повреда. Младите репрезентативци на Македонија Филип Талевски Марко Неловски, секако, ќе добијат шанса повторно да одиграат одличен натпревар како тој во Нови Сад.
– Борац е искусна екипа со неколку првотимци врз кои се гради тимот. Секако дека во натпреварот ќе влеземе максимално борбено со желба за победа. Ги повикувам симпатизерите да дојдат во што поголем број бидејќи овој натпревар ќе има и хуманитарен карактер – се надоврза Филип Талевски.
РК Металург иноформира дека делот од приходот од влезниците ќе бидат донирани за лекување на д-р Евица Бојаџиева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.