Тоа што го работат креативците во македонската компанија за дигитални ефекти е видливо, а фактот дека од шест најголеми холивудски студија тие соработуваат со четири е голем успех сам по себе.
Со американскиот филм „Животот на Пи“ во чијашто изработка учествуваше македонската компанија за визуелни ефекти и анимација „Фх3х“ се отвори новото кино „Синеплекс“ во скопскиот „Сити мол“, можеби најочекуваниот дел од трговскиот центар во скопската населба Карпош.
Македонската компанија за продукција на визуелни ефекти и на анимација за играни филмови и за рекламни спотови „Фх3х“ е пример за успешна фирма со која основачите Миливоје Ѓорѓевиќ и Кристијан Даниловски го оствариле својот сон и со години го живеат. Компанијата е формирана во 1997 година од нив двајца, а сега веќе има 115 вработени, зад себе има ред успешни проекти,имаат работено во тимот што доби „Оскар“ за „Ранго“ за најдобар цртан филм и во тимот што доби „Оскар“ за визуелни ефекти на „Златниот компас“. Имаат и номинација за наградата „Еми“, а на љубителите на научно-фантастичните филмови треба да им се спомене тимот на режисерот Џорџ Лукас за кој Ѓорѓевиќ вели дека е задоволство да се соработува. Креативците на „Фх3х“, навистина, ја имаат таа среќа да соработуваат со прекрасни луѓе, а најлесно е да се соработува со режисери што знаат што бараат, макар било тоа и најневозможна работа на светот. Ѓорѓевиќ го препорачува „Животот на Пи“ и за возрасните и за децата. Компанијата моментно работи на цртан филм со авторите на познатиот „Мапет шоу“.
Сигурно беше пријатно да се седи во, како што ги нарекоа, суперудобните столчиња во новото кино „Синеплекс“. „Животот на Пи“, филмот во кој учествувавте, во Скопје ја имаше премиерата само неколку часа пред премиерното прикажување во САД. Според познавачите, филмот „Животот на Пи“ е филм што ги помести границите на тридимензионалната технологија во чијашто изработка учествуваше и тимот на „Фх3х“ работејќи на сцените на бурата. Како го доживеавте филмот?
Ѓорѓевиќ: Овој филм, иако деловите на кои работевме веќе ги имав видено, во целост ме изненади. Ме врати во еден детски свет на чиста мисла и верба во убавината. Приказната е прекрасна, а визуализацијата е направена совршено. Филмот најтопло би го препорачал и за деца и за возрасни. Филмот е тридимензионален, а новите кина „Синплекс“ овозможуваат удобност и квалитетна проекција за целосно уживање во филмот.
Постоите 15 години, компанијата во 1997 година ја формиравте заедно со Кристијан Даниловски. Зад себе имате импресивна бројка од 35 филма. Вашата компанија има повеќе од 115 вработени од кои дури 105 се креативци. Објаснете што точно работите на филмовите?
Ѓорѓевиќ: Во изминатите 15 години работевме на многу филмски проекти и од година во година станувавме сѐ подобри и поуспешни во тоа што го работиме.
Генерално, филмовите на кои работиме можеме да ги поделиме во две категории, анимирани филмови и играни филмови.
Во анимираните филмови почнуваме со работа уште во делот на подготовките на кои соработуваме со дизајнерот и со режисерот, што е процес што почнува две години пред почнувањето на продукцијата на филмот, потоа креирањето и анимирањето на ликовите и на сцените, па сѐ до изработката на завршните рендери, кои потоа гледачите ги гледаат во киносалите. Моментно работиме на цртан филм со креаторите на познатиот „Мапет шоу“ и би рекол дека 85 проценти од цртаниот филм е направен од нашите автори. Најуспешен цртан филм на кој сме работеле е, секако, „Ранго“, кој освои „Оскар“ за најдобар анимиран филм.
Во делот со играните филмови работиме на изработка на визуелните ефекти за холивудските хитови. Во голем дел од тоа што го правиме е континуирано истражување и унапредување на нови технологии. Во оваа индустрија толку брзо се менуваат и напредуваат техниките што минатогодишните визуелни ефекти се веќе застарени и секој нов филм ги поместува границите за една скала повисоко. Наша предност е што секоја година работиме на сѐ поголеми проекти и на сѐ повеќе проекти, па така и остануваме во кондиција да ги следиме сите новини работејќи со најдобрите во индустријата.

Дали некои од сцените ги снимате во Вашето студио, по потреба, или, пак, ја изработувате само дигиталната манипулација на снимениот филм?
Ѓорѓевиќ: За холивудските филмови, за жал, сѐ уште немаме потребна инфраструктура за снимање во земјава, која ќе одговори на нивните високи стандарди. Би сакал да се оформат услови за таква продукција, но за тоа е потребно време и многу работа, па се надевам дека за некое догледно време ќе биде и тоа. Засега кај нас се снимаат домашни филмови, кои секоја година стануваат сѐ подобри и технички покомплетни. За домашните филмови сме присутни во двата дела, на снимањето и потоа во обработката, додека во холивудските само во обработката на сликата.
Вашата компанија е мошне успешна. Каде се гледате себеси во светската конкуренција?
Ѓорѓевиќ: Во нашата работа нема многу скриени вредности, успешни сте толку колку што се успешни и проектите на кои работите. Нашиот квалитет е во постојано евалуирање од страна на клиентите и не постојат олеснителни околности. Самиот факт што од шесте најголеми холивудски студија соработуваме со четири од нив е голем успех сам по себе.
Долга е листата на филмови во чијашто реализација сте учествувале. Кои од соработниците, односно режисерите, Ви е останат во најдобро сеќавање, а на кого не би го потрошиле креативниот потенцијал?
Ѓорѓевиќ: Во последните години, навистина, имавме среќа да соработуваме, пред сѐ, со прекрасни луѓе. Најлесно е да се работи со режисери што знаат што бараат, па нека е тоа и најневозможната работа за креирање. Тимот на Џорџ Лукас е тимот со кој е задоволство да се соработува на секој проект. Во негативна смисла не би издвоил никого. Мислам дека таквите примери, за наша среќа, се елиминираат во процесот на природна селекција кон успехот.
Иако тоа е прашање на личен вкус, од тие филмови на кои сте работеле, кој филм најмногу Ви се допаѓа?
Ѓорѓевиќ: Лично, јас би го издвоил цртаниот филм „Ранго“, кој подоцна доби и „Оскар“ за најдобар цртан филм.
Мотото на компанијата е: „Перфектно работење без препотентно однесување“. Дали е ова клучната формула за успехот на „Фх3х“?
Ѓорѓевиќ: Не постојат правилници за успех што би ги примениле. Мислам дека нашето мото е повеќе наш препознатлив печат по кој се издвојуваме на сцената.
Долга е листата на филмови за кои „Фх3х“ ги креирале визуелните ефекти. „Фх3х“ е македонска компанија за продукција на визуелни ефекти и за анимација за играни филмови и за рекламни спотови. Нивната работа опфаќа креирање визуелни ефекти на веќе снимен материјал. „Авијатичарот“ е прв холивудски филм на кој работеле. За „Ранго“ и за „Златниот компас“ беа во тимот што доби „Оскар“ за визуелни ефекти, работеа и на „Трансформери 3: Темната страна на месечината“, кој, исто така, беше номиниран за најпрестижната награда, имаа номинација за наградата „Еми“ за „Патот до 11 септември“, а освен „Животот на Пи“ работеа и на: „Гневот на титаните“, „Црвени опашки“, „Јас сум број четири“, „Шерлок Холмс: Игра на сенки“, „Последниот владетел на вековите“, „Притаено зло: задгробен живот“, „Терминатор: Спасение“, „Срце од мастило“, „Точка на гледање“, потоа македонските „Сенки“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, како и македонскиот кандидат за „Оскар“ „Трето полувреме“ на Дарко Митревски.
Минатата година беше мошне успешна за „Фх3х“, кога ја добија наградата „Нов европски шампион за 2011“ за претприемаштво. Наградата е за уважување на достигнувањата на меѓународниот пазар организирана од Варшавската економска школа.
Компанијата, која е сто проценти македонска, соработува и со државните и со приватните универзитети и се труди да ја продлабочи соработката со образовните институции кај нас. Соработуваат со приватниот Универзитет за аудиовизуелни уметности Европска филмска и театарска Академија (ЕСРА) и со државниот Факултет за информатички науки и за компјутерско инженерство ФИНКИ со цел да обучат кадар што понатаму би го регрутирале. Во нивниот креативен тим има секакви профили од графички дизајнери, преку архитекти, аниматори, уметници, монтажери… па сѐ до врвни професионалци во информатичкиот сектор.
„Одмазници“, еден од филмовите на кој, исто така, ја работевте анимацијата, го гледавме во киното „Милениум“ и ги надмина очекувањата на посетеноста, како во САД така и кај нас, а за „Ранго“ бевте дел од тимот што доби „Оскар“ за најдобра анимација. Тешко ли се оправдуваат овие успеси?
Ѓорѓевиќ: Успесите се само резултат на 15 години континуирана работа со вистински пристап и со правилно планирање. Тешко беше да ги оправдаме нашите визии и начинот на организација во работа што беше нестандарден за тукашни услови. Успесите зборуваат сами за себе.
Кога почнувавте, Вашиот сон беше да работите на холивудски филмови. Почнавте со „Авијатичарот“, кој беше прв голем проект и беше голема продукција. Потоа со мини-серијата „Патот до 11 септември“ добивте и номинација за наградата „Еми“ во 2007 година. Бевте во тимот што освои и „Оскар“. Уште кои соништа останаа да се отсонуваат и што е сега предизвик за Вас?
Ѓорѓевиќ: До сега стигнавме таму каде што посакувавме на почетокот, колку и да беше неверојатна нашата визија пред 15 години. Во тој период на прсти се броеја луѓето што веруваа во тоа што го кажувавме. За следните 15 години имаме уште посмела визија, да се качиме уште неколку скали повисоко во процесот на изработката на високобуџетните филмови.
И за крај, што значи името на компанијата?
Ѓорѓевиќ: FX3X (се чита: ефекс трикс) што во превод би значело ефекти и трикови.
Разговараше: Александра Мазнева – Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Долга е листата на филмови за кои „Фх3х“ ги креирале визуелните ефекти. „Фх3х“ е македонска компанија за продукција на визуелни ефекти и за анимација за играни филмови и за рекламни спотови. Нивната работа опфаќа креирање визуелни ефекти на веќе снимен материјал. „Авијатичарот“ е прв холивудски филм на кој работеле. За „Ранго“ и за „Златниот компас“ беа во тимот што доби „Оскар“ за визуелни ефекти, работеа и на „Трансформери 3: Темната страна на месечината“, кој, исто така, беше номиниран за најпрестижната награда, имаа номинација за наградата „Еми“ за „Патот до 11 септември“, а освен „Животот на Пи“ работеа и на: „Гневот на титаните“, „Црвени опашки“, „Јас сум број четири“, „Шерлок Холмс: Игра на сенки“, „Последниот владетел на вековите“, „Притаено зло: задгробен живот“, „Терминатор: Спасение“, „Срце од мастило“, „Точка на гледање“, потоа македонските „Сенки“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, како и македонскиот кандидат за „Оскар“ „Трето полувреме“ на Дарко Митревски.