-Во Дамар се повтори она што се случи пред две години во ЛГБТ центарот. Поголема група маскирани дојдоа го демолираа кафулето „Дамар“ додека внатре имаше луѓе и заминаа. Не бараме ништо повеќе освен да се фатат и казнaт, затоа што секое неказнување ги охрабрува и тоа е причината зошто тие толку лесно доаѓаат да кршат и да напаѓаат луѓе. Вчера немаше многу повредени, за среќа, но состојбата ќе беше многу поинаква доколку некој од нив влезеше внатре. Од кршењето, една девојка заврши со дупната глава погодена од поголемо парче стакло. Ние не можеме да бидеме безбедни се додека државата не ги казни оние кои што вршат насилство- вели за Република Ирена Цветковиќ од „Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, сведок на вчерашното кршење на кафулето „Дамар“ во старата скопска чаршија, но и на демолирањето на ЛГБТ- Центарот кој беше отворен во тој дел од Скопје.
Дали ова се поврзува само со прославата на ЛГБТ? Неодамна беше нападнато и искршено друго кафуле во чаршијата исто така од маскирани насилници, наводно „заради македонска музика“ во кафулето.
-„Дамар“ е таму повеќе од 5 години и никогаш ништо не се случило, оваа слика е позната од центарот кога постоеше во Чаршијата. Истите луѓе се тие. Но, сега друга е причината, не може да се правиме слепи. Точно се знаеше кој беше внатре и кој е настанот. Ние бевме внатре затворени, никој од нас не беше надвор, имаше тивка музика, ништо повеќе од тоа…
ЛГБТ Центарот повеќе не работи во Чаршијата? Ја нема таблата, спуштени се металните завеси…
-Центарот не е во чаршијата повеќе, токму од тие причини е и префрлен на друга адреса. Оваа заедница постои и ќе постои, таа заедница е тука и е дел од градот. Ниедно кршење на излог нема да може да предизвика да исчезне. Заедницата не е кафуле или излог. Само ако се покаже дека не се толерира насилството, тоа е единствена начин да се спречи. Ако не се реагира во најјасните ситуации кога многу лесно се откриваат сторителите, тоа е многу јасна порака за нивно охрабрување- додава Цветковиќ за Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.