| четврток, 6 декември 2018 |

Преку Вселената до мапи на океанското дно

spacepress-052912-001a-617x416

Институтот за океанографија Скрипс, направи мапа која е двојно попрецизна од таа која е составена пред 20 години, користејќи податоци од два сателита, кои инаку се лансирани за други истражувања…

Само 20 отсто од морското дно на нашата планета е мапирано, што значи дека моментално повеќе се знае за површината на Марс. Меѓутоа, тоа се менува по објавувањето на новата мапа темелена на најновите сателитски податоци. Овие детални слики на океанските длабочини имаат разновидна примена за науката, индустријата и цивилното општество.

Научниците се свртеа кон вселената за да ги видат длабочините на океаните. Инстутитот за океанографија Скрипс направи мапа која дупло е попрецизна од таа која е составена пред 20 години, вели професорот Дејвид Сендвел кој се јави преку Скајп.

– Користиме сателитски мерки за мапирање на топографии од површината на океаните. На таа топографија се гледаат испупчувања и длабнатини како последица од гравитацијата, што ни дава слика на она што се наоѓа на дното на океаните.

Научниците користеа податоци од два сателита, кои инаку се лансирани за други истражувања. Крајо-2 на Европската вселенска агенција ја следи состојбата на мразот во морињата, додека НАСА-ин Џејсон 1 е пратен да ја изучува површината на океаните.

Мапата е направена со комбинација на тие податоци со далеку поголема резолуција на сликите кои ги направиле бродови со помош на сонари со повеќекратни зраци.

– Тоа ни овозможува да гледаме некои карактеристики на помал формат и исто така некои одлики кои се закопани во седиментите во океанските корита.
На новата мапа се гледа текстурата на морското дно како никогаш до сега – со илјадници подводни планини, гребени на места каде се раздвојувале континентите и на стишени земјотреси и нивните последици закопани длабоко под бројни слоеви на седименти. На едно место каде се сретнуваат три гребени, земјините дебели тектонски плочи се гледаат со неверојатни детали.

– Тоа место се вика Троен јазол на Индискиот Океан. Тоа е едно од моите омилени места во океанот бидејќи совршено се гледаат теоретските аспекти на тектонските плочи. Тука се три плочи, африканската, индо-австралиската и антарктичката и сите се поврзани во оваа една точка во центарот на Индискиот Океан.

Мапата исто така откри нови континентални спреги, од кои некои биле закопани под седименти пред 150 милиони години.

Мапата исто така е многу корисна за рибарството, конзервацијата и потрага по нафта. Новите проценки за длабочината на океаните се исклучително важни за безбедна навигација, воените операции и научните мисии во светот, вели Сендвел.

– Оваа нова мапа на гравитацијата е навистина извиднички инструмент за планирање на бродски истражувања. Повеќе не мора да испловите и од бродот да барате нешто ново. Сега можеме да целиме со помош на гравитацијата и таму да пратиме брод каде тој ќе го почне истражувањето со висока резолуција, за да можеме навистина да ги разбереме тие карактеристики.

Сендвел очекува да се појават многу откритија, откако научниците подлабоко ќе ги истражат овие податоци. Работата е објавена во најновото издание на научното списание Science.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top