| четврток, 6 декември 2018 |

Алаѓозовски на „Камп на идеи“ во Марсеј

Викендов во Марсеј се одржува  „Камп на идеи“ во организација на Европската културна фондација. Македонски претставник на овој камп е Роберт Алаѓозовски, кој информираше дека „низ неколку работилници овие идеи ќе се развиваат, интегрираат а најуспешните 25 ќе добијат грантови од Европската културна фондација да се реализираат како културни проекти“.

Сакајќи да дејствува иновативно во сферата на културата на европско ниво, реномираната Европска културна фондација летово објави повик за идеи како заедниците да се вклучат во ре-обмислувањето на јавните простори. На повикот се одговорија неверојатни 813 предлози од цела Европа, а за собирот во Марсеј, ЕКФ ги селектираше педесетте најинспиративни, најсмели и најиновативни идеи. Целта на собирот е да ги поврзе заинтересираните активисти, уметници и менаџери во културата да го развијат нивниот креативен потенцијал за да создадат нови социо-културни и демократски модели на употреба на јавниот простор. На собирот освен вмрежувањето и развивањето на проектните идеи работилници и презентации ќе одржат и неколку водечки имиња од културното милје на Европа за важни прашања, како ефектот на граѓанските акции во културата, потоа за општественото и културното претприемаштво, за хибридните културни институции, краудфандинг и краудсорсинг и тн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top