Ракометарките на Вардар посакуваат што поскоро да се заборави поразот од Подгорица со Будуќност и враќање на победничките патеки, што лани ги одведоа на фајналфор турнирот во Лигата на шампионите. Пред нив во сабота е нов предизвик и шанса за прва победа во новиот циклус, а противник во Скопје ќе им биде германскиот Турингер.
„Не можеме брзо да го заборавиме мечот во Подгорица, на кој целата македонска јавност очекуваше многу подобро издание од наша страна. Не бараме оправдувања, многу добро анализиравме каде грешевме и се подготвувавме за дуелот со Турингер. Тоа е борбена и цврста екипа, типичен германски претставник. Јас како тренер барам одбраната да биде клучен фактор во нашата игра, а знам дека и во нападот можеме да играме многу подобро отколку во Подгорица. Во тимот на Турингер нема преголеми промени, ја немаат Барбоса која е добар играч, но и голем потрошувач на топки. Мораме да бидеме сконцентрирани на нивниот брз центар и брзи противнапади, да одиграме добра одбрана и да стигнеме до победата“ – вели тренерот на Вардар, Индира Кастратовиќ.
Јованка Радичевиќ има посебни мотиви за мечот со Турингер. Крилото на Вардар денеска слави роденден, а желбата е да се дополни славеничкото расположение со триумф над Германките.
„Фаворити сме, но знаеме дека имињата не играат на терен. Мораме да покажеме со квалитетна претстава дека сме подобри од Германките и да стигнеме до победата. Не сакам многу да говорам за подалечната иднина, но само со добри игри ќе ја истакнеме нашата кандидатура за највисок пласман“ – изјави Радичевиќ.
Мечот се игра во салата „Јане Сандански“ во сабота од 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.