| четврток, 6 декември 2018 |

Подароците за службениците поскапи од 1000 денари ќе му се даваат на шефот

Gift-Pictures-13

Сите вработени во јавната служба, кои ќе добијат подарок од граѓанин чија цена е поголема од 1.000 денари, ќе мора во рок од два дена да му го отстапат подарокот на својот шеф. Ова го предвидува новиот предлог закон кој го донесе Владата на иницијатива  на Министерството за финансии. 

Лекарите, медицинските сестри, шалтерските работници во државните служби, општинарите, наставниците, полицајците, даночните инспектори, цариниците, поточно сите вработени во јавната служба, кои ќе добијат подарок од граѓанин чија цена е поголема од 1.000 денари (односно 3.000 денари за повеќе дарови дадени од едно лице во текот на една година), ќе мора во рок од два дена да му го отстапат подарокот на својот шеф, пишува Дневник.

Подарокот ќе стане сопственост на институцијата во која работи службеникот, но шефот ќе биде задолжен да го чува подареното се до неговата продажба или користење во посебна просторија, и тоа под клуч што само тој го поседува. Ова е само дел од новиот предлог закон кој го донесе Владата на иницијатива на Министерството за финансии.  Според неговработените во јавниот сектор ќе мора да ги предупредуваат граѓаните за забраната доколку се работи за дар со поголема вредност. Доколку граѓанинот и понатаму инсистира да го даде подарокот, тогаш службеникот треба да му укаже дека даденото ќе стане сопственост на институцијата. За примениот подарок потоа се применуваат правилата од уредбата.Притоа службеникот ќе мора да пополни и анкетен лист во кој ќе наведат кој го дава дарот, поводот поради кој е примен, потоа да го опише подарокот и да ја одреди неговата вредност, при што вредноста се утврдува врз основа на пазарната цена, датумот кога го примил даденото итн. Меѓутоа општата забрана за примање подароци од јавните службеници нема да важи за помалите подароци како што се кафе, бонбониери, пенкала, цвеќе и слично. 

Балканот важи за регион каде што давањето подароци за завршена услуга од јавен службеник се редовна појава со децении. Најмногу дарови, според истражувањето кое пред четири години го спровело Kанцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации за подмитување на јавните службеници во државите од Западен Балкан, добивале лекарите за да дадат одредена лекарска помош, потоа полицајците за да се избегне плаќање казна, медицинските сестри за полесно и побрзо да се добие здравствена услуга, потоа општинските работници за добивање потврди, уверенија и други исправи, наставниците, цариниците и судските службеници. Македонија последниве години бележи подобрување во однос на корупцијата на јавната администрација како резултат на неколку реформи, но сѐ уште е секојдневие давањето скапи алкохолни пијалаци, уметнички слики, накит, скапи канцелариски украси, облека, па дури и ваучери за платени патувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top