Немојте да прашувате зошто сите овие умни луѓе како Стојан Андов не го решиле спорот со Грција во нивно време кога на секое трепнување на Грците ние менувавме знаме, Устав, се прекрстувавме, привремено нели во ФИРОМ и потпишувавме привремени спогодби. И се откажувавме од луѓето таму, кои самите велат дека не се викаат Јоргос, туку Ѓорги, па сега се лутиме кога странците што ни солат памет за малцински права нив не ги забележуваат. Оти во тие наши стари политичари, колку и да не сакаме да признаеме, собрани се и искуство и ум, се на едно место – вака уредникот на Дневник Дарко Јаневски го коментира потегот на првиот претседател на Собранието во независна Македонија, Стојан Андов. Андов, за потсетување, за грчки Катимерини изјави дека Владата на Македоија води анти-грчка пропаганда која според него, морала веднаш да запре.
Ваквата изјава на Андов дадена за грчки Катерини која ни приближно не може да биде за добро на Македонија и на македонскиот народ предизвика лавина реакции. Многумина велат дека не можат да поверуваат како Андов, како што пишуваат „женски“ распалил по Македонија.
Вила во Грција да му имаа дадено алашвериш, посоодветен ќе му беше монологот – пишуваат медиумите.
Тоа што пред дваесетина години Мицотакис го кажал дека овде има иредентисти што сакаат да станат наследници на Александар Македонски, со други зборови да ја украдат грчката историја, сега Андов го гледал пред себе. Јаневски на ова вели:
„Ете го, значи, во ликот и делото на македонската влада виновникот за грчката блокада. Затоа, Никола Груевски, како шеф на таа влада, треба итно да го признае нашиот јужен сосед под името Република Грција или какво веќе избрале граѓаните на таа држава и итно да даде изјава дека за него, постоењето народ кој се именува како грчки не е спорно. И веќе следниот момент да се качи на авион и да замине за Атина каде што покајнички со силен стисок на раката сето тоа ќе му го каже и на Андонис Самарас оти еве веќе 24 години ги блокираме бившите поданици на Отоманската Империја и се чини доста е веќе. На времето им ја затворивме и границата обидувајќи се да ги колабираме и изгладниме, ги блокиравме во овие две и пол децении секаде каде што можевме нанесувајќи им со тоа штета од којзнае колку стотици милиони долари, ама рака на срце, не сме во право. Не може ние на Грците да им кажуваме како ќе се викаат и згора на тоа да бараме да ни потпишуваат некаков договор за добрососедство.“
И сосема јасен е на крај Јаневски кога „бара“ Груевски да го „послуша стариот лисец и престанее со антигрчката пропаганда“.
-Не можеме да организираме митинзи во Скопје со милиони луѓе на плоштадот Маршал Тито, а не Македонија (замислете тие такво нешто против нас да организираа во Солун), сите до еден антигрчки настроени, а потоа нив да ги обвинуваме дека водат политика која нам овде во Скопје не ни се допаѓа. Не можеме да имаме специјални сили кои ќе пеат дека кожата ќе им ја одерат на Маџирите и на сите други што живеат таму, само затоа што не сакаат да си го сменат името. Не можеме зашто е понижувачки како кон луѓе да им лепиме налепници на регистарските таблички врз ознаката „ГР“ и да им даваме да ја минуваат границата само со некои посебни хартии зашто не сакаме в рака да го допреме нивниот пасош – коментира тој,
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.