„Про-за Балкан“ донесе едно ново книжевно доживување за нашата културна јавност, за нашата читателска публика. Идеен автор и директор на фестивалот е Дејан Трајкоски, организатор е издавачката куќа „Икона“, а членови на уметничкиот совет се: проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Ермис Лафазановски и проф. д-р Александар Прокопиев, кои со сериозно осмислен концепт ги доведоа врвните балкански имиња во нашата држава: Владислав Бајац, Миленко Јерговиќ, Алек Попов, Андреј Блатник и Александар Николаидис.
Во рамките на фестивалот се одржа претставување на творештвото на овие балкански писатели, како и трибина за мобилноста на литературата на Балканот, а заврши со врачување на наградата „Прозарт“, чил прв лауреат е Владислав Бајац.
Владислав Бајац на македонската читателска публика ѝ е познат по романите „Книга за бамбусот“ и „Амам Балканија“. Тој веќе 40 години со своите дела ги возбудува читателите на Балканот. Пријател е со Орхан Памук и со Леонард Коен. „Амам Балканија“, како што вели самиот, е омаж на романот „Се викам Црвено“ од Памук, а најавува роман за Коен.
– Како писател сум посетил многу делови од светот, и сакал јас или не, ми се наметнува заклучокот дека локалното и глобалното, всушност, се многу поврзани. Но, писателот служи за нешто друго. Тој им служи на две болки. Првата е задоволството од можноста да се каже нешто што со тек на време ќе се покаже како мудрост, а другата произлегува од тоа што сите свои мисли и чувства ги споделувате со некого. Во „Амам Балканија“ се занимавам со дуалитетот на личноста. Литературата е совршена можност за остварување на тој процес на премин од еден во друг идентитет. Бидејќи книгата не служи за да се забетонира една реченица, поентата е во надоврзувањето на она што е напишано. За тоа служат читателите – кога велам „служат“, не мислам пасивно, тие се креатори, тие ја разработуваат книгата – смета Бајац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.