| четврток, 6 декември 2018 |

Мирослав Илиќ и Адил Максутовиќ во Скопје

SPEK-ILIC

Заедничкиот концерт на Мирослав Илиќ и Адил Максутовиќ закажан на 29 ноември во Скопје веќе е извесно дека ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“. На сцената прв ќе застане младиот пејач, кој на пошироката јавност ѝ е познат по прекрасните балади и вонсерискиот глас и кој потоа микрофонот и сцената ќе му ги препушти на Мирослав Илиќ.

Двојниот концерт е предвиден како повеќе од тричасовна забава со најголемите хитови на Илиќ и Максутовиќ, а не е исклучена можноста за уште едно големо музичко име кое ќе настапи како гостин на концертот. Влезниците веќе се пуштени во продажба, и тоа преку продажната мрежа „Купи карти за сѐ“, потоа на билетарницата во арената „Борис Трајковски“ и во ресторанот МЦМ.
Цените нa влезниците се 400 денари за стоење, 500 и 600 чинат оние на трибините во зависност од тоа дали се за пониските или повисоките редови, а интересно е што, освен стандардните карти, ќе има посебни пакет-влезници чии цени ќе бидат објавени дополнително.

Адил музичката кариера ја почнал уште во средношколските денови, а посериозно во светот на музиката навлегува со снимањето на првата песна „Не могу без тебе“ во 2007 година, со која дебитира на фестивал во Врњачка Бања. Зад себе има три студиски изданија, од кои последното „Маскенбал“ го издава минатата година.

Илиќ, пак, својата богата музичка биографија почнува да ја пишува во далечната 1977 година кога ја снима својата прва сингл-плоча „Волео сам девојку из града“, а колкава е популарноста на таа песна говори и податокот дека таа и денес е хит и негова лична карта. Две години подоцна Илиќ ја снима и првата плоча, и тоа за најмоќната дискографска куќа на тогашна Југославија, ПГП РТС. Важи за единствениот следбеник на вистинскиот фолк, кој и по толку години не отстапува од стилот со кој почнал, па затоа и го нарекуваат „џинот од Мрчаевци“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top