| четврток, 6 декември 2018 |

Распишан огласот на МВР за нови полицајци

Министерството за внатрешни работи денес распиша Јавен конкурс за прием на 400 извршители на работно место „полицаец“ за работа во организациските единици сместени во Скопје.

Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.

Како и при распишувањето на претходните два конкурси за прием на полициски службеници, кандидатите треба да исполнуваат и општи услови. Да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Кандидатите треба да ги исполнуваат и посебни услови, односно телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи и 165 сантиметри за жени, како и висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување на полициските задачи.

Селекција на кандидатите ќе се спроведува во пет фази од Комисија формирана за избор на кандидат за полицаец. На почеток ќе се врши административна проверка, потоа моторички способности, писмено тестирање, интервју и на крај здравствен преглед што ќе го спроведе Здравствена омисија.

Заинтересираните кандидати ќе треба да достават уверение за државјанство, извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно образование, доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии во големина на патна исправа. Документите треба да бидат во оргинал или копии заверени на нотар.

По селектирањето,  440 кандидати за полицаец  ќе склучат договор за основна обука за полицаец, што е за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој огласот.

Кандидатот кој за време на едногодишната обука постигнал резултати според критериумите и е соодветно внесен во ранг листата ќе склучи договор за вработување.

При селекцијата ќе биде земена предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои ги исполнуваат општите и посебните услови како и психо-физичките и моторички способности, а Министерството особено ќе внимава и на соодветната родова застапеност на кандидатите кои ги исполниле условите на обата пола од кандидатите во секоја етничка заедница согласно позитивните законски прописи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top