Мапата на Голема Албанија на стадионот во Белград е опасна провокација со порака дека проектот од 19 век е и тоа како жив, предупредуваат историчарите од регионот, а пишува српски Блиц.
– Очекувавме на натпреварот да се случи ваква провокација. И кај нас во Грција ни се случи инцидент минатата година. Играч на ПАОК, Албанец, носеше маица со знаме и мапа на Голема Албанија и со ознака УЧК, подоцна рече дека не знаел што значи тоа – вели Спиридон Стефас, грчки историчар, вонреден професор по балканска историја на Универзитетот „Аристотел“ во Солун.
Откако идејата за обединување на сите Албанци во една држава се појави со Призренската лига во 19 век, таа за разлика од другите големонационални идеи од тоа време остана да живее до денес.
– Ново во однос на времето од пред неколку години е тоа што идејата за Голема Албанија веќе не е табу-тема меѓу Албанците. Кога беше одземено Косово, тогаш главната приказна беше дека тоа нема да се обедини со Албанија. Фактот на терен, меѓутоа, е дека не постојат граници меѓу Албанија и Косово и Албанија и Западна Македонија. Веќе е создаден заеднички економски простор – вели Стефас.
Дека големоалбанскиот проект е во тек нема дилеми ниту црногорскиот историчар Ѓорге Борозан, еден од најдобрите познавачи на идејата и практиката на големоалбанскиот национализам.
– Инцидентот во Белград е тежок и трагично навестување на болното минато. Тоа само ни говори дека овој балкански простор не е смирен и дека, за жал, е жив најлошиот од сите големонационални проекти на Балканот, големоалбанскиот – вели Борозан.
Тој потсетува дека во тој проект е дел од Црна Гора затоа што многу Албанци живеат во оваа земја и дека не е случајно тоа што и на црногорска територија се случуваа провокации по инцидентот во Белград. Симптоматично е и тоа што Албанците истакнуваат дека се единствена земја во светот што е опкружена исклучително со свој народ – Албанци, вели Борозан.
Големоалбанскиот проект има спонзори од почеток.
– Проектот е поттикнат од турската империја, на него се потпреа Австроунгарците, а подоцна и фашистичка Италија и Третиот рајх. Постојат документи во Вашингтон, кои потврдуваат дека САД во 1940 година знаеле дека италијанската пропаганда користи идеја за Голема Албанија против Југославија – вели српскиот историчар Миле Бјелајац.
Поголемиот број историчари во регионот се согласуваат дека проектот „Голема Албанија“ е во тек.
– Тој процес е во тек одамна, не е од вчера. За него е главно што има поддршка од големите сили. А Албанците денес имаат поддршка од САД, поедини европски и муслимански земји. Србија е во тешка позиција, а најранлива е Македонија – заклучува српскиот академик, историчарот Драгољуб Живојиновиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


