Највредните примероци од македонското културно наследство, како што се рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, копијата од саркофагот на Александар Македонски, штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од 4 век, се изложени во новиот Археолошки музеј на Македонија, кој вечерва свечено беше отворен.
По повеќе од 30 години, Македонија доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство, кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори.
Во импресивната постојана музејска поставка на 6.000 квадратни метри, изложени се повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди.
-Сите овие предмети имаат непроценлива вредност за нашата земја, даваат белег за нашата култура, неуморно го конзервираат нашето минато и на најубав можен начин ја афирмираат нашата држава. Ваквото културно наследство претставува една од основите на одржливиот развој и може да биде корисен инструмент за поттикнување на меѓукултурниот дијалог и унапредување на општествената кохезија, како и обликување на нашиот идентитет како народ и држава. Инвестирањето во културното наследство дава придонес и во економскиот раст преку стимулирање на туризмот. Верувам дека содржинската поставеност и вредност на овој Музеј, како и неговата лоцираност во едно од највпечатливите зданија покрај градскиот плоштад и кејот на реката Вардар, ќе претставува поттик Музејот да биде посетен од голем број домашни и странски гости, несомнено тоа ќе биде и одлична надополна на туристичката понуда како на Град Скопје, така и на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на свеченото отворање.
Повеќевековната историја и култура на територијата на Македонија претставена преку експонатите во Музејот ќе биде автентично раскажана, со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.










