| четврток, 6 декември 2018 |

Железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија е приоритет на двете држави

prugag

Изградбата на Коридорот 8 во железничкиот дел кој треба да ги поврзува Македонија и Албанија, со пруга која е предвидено да поминува преку Кичево, Струга и Лин до Драч во Албанија е приоритет на двете држави. Ова го изјавија директорите на двете железнички компании Ирфан Асани и Генци Ализоти по средбата одржана во Драч, Албанија.

Директорот на јавното претпријатие Македонски железници-Инфраструктура Ирфан Асани го информираше албанскиот колега Генци Ализоти за активностите кои ги превземаат Македонските железници и македонската Влада за реализација и изградба на железничката делница Кичево-Струга-Лин.

 – Верувам дека е време кога ние заедно ќе имаме еден заеднички договор бидејќи тоа од нас се бара и од меѓународните финансиски институции кои ќе го финансираат тој дел од Коридорот. За таа цел во наредните денови ќе имаме контакти на експертско ниво и притоа ќе ги соединиме заедничките точки на кои треба да се поврзуваме,  рече Асани по средбата.

Ализоти рече дека приоритет на албанската Влада е изградба и железничкото поврзување меѓу Албанија и Македонија и оти поврзувањето е многу значајно за двете држави.

На крајот на средбата, како што е наведено во денешното соопштение од ЈП Македонски железници-Инфраструктура, двајцата директори се заложиле за интензивирање на соработка, која треба да резултира со формирање на работни групи на кои албанските железници ќе можат да се запознаат со искуствата на своите македонски колеги во железничкиот сообраќај, како и заедничко аплицирање на проекти за користење на средставата од ИПА фондовите.  Договорот за формирање на работните групи треба да се официјализира во текот на посетата на директорот на албанските железници во Скопје.

Железничкото поврзување на Македонија и Албанија ќе има економски придобивки за двете земји, бидејќи Албанија ќе се поврзе со железницата со Грција, додека Македонија ќе се поврзе со пристаништето во Драч, Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top