| четврток, 6 декември 2018 |

Почна да функционира Македонски центар на Меѓународниот театарски институт

wideb_Teatar 78

Драмските уметности, а и операта, современиот класичен танц, современиот експериментален танц и перформансот ќе бидат во фокусот на рестартираниот Македонски центар на Меѓународниот театарски институт (ИТИ). Претседателката на Центарот, Иванка Апостолова, рече дека нивните колеги од Париз иницирале заживување на „заспаните“ центри низ Европа. Тој деновиве почна да функционира во рамките на Универзитетот „Евро-Балкан“ од Скопје, каде што добиле простор, инфраструктура и стручна екипа.

– Ги повикувам колегите од институциите и од независниот сектор за влез во институционално членство, како и индивидуалците – во рамките на индивидуалното членство. Членството е бесплатно до 31 јули и треба да ја дефинираме и воспоставиме локалната мрежа – истакна Апостолова.

Kристина Пешева-Диновска, член на програмскиот одбор на ИТИ, рече дека Македонскиот центар нашол простор да се погрижи и за операта, која досега не е третирана надвор од институциите на државата и никој не се залагал за развој на овој вид уметничка дејност.

Потпретседателот на Македонскиот центар на Меѓународниот театарски институт, Викторија Рангелова, рече дека Центарот планира да прави списание за театарот во земјава, кое за почеток ќе биде електронско, а понатаму ќе излегува и во печатена форма. Ќе излегува на македонски и на англиски јазик и во него ќе има текстови во областа на театарската уметност и други сценски изведбени уметности. Изданието ќе промовира нови млади уметници и во него ќе има интервјуа со афирмирани театарски работници.

Меѓународниот театарски институт (ИТИ) е основан во 1948 година од УНЕСKО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности. ИТИ настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање за да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top