Добри вести за РК Металург. Во четвртото коло од Лигата на шампионите во ракомет „металурзите“ на свој терен во СЦ „Борис Трајковски“ го пречекуваат германскиот гигант Кил. По низата непријатни вести кои доаѓаа од Автокоманда, а последната е дека дури четворица играчи имаат вирус и се несигурни за настап на утрешниот натпревар, Кил допатува во Скопје без своите први играчи, најдобриот стрелец Палмарсон и првиот голман Паличка.
Тие се повредиле на последниот натпревар од германскиот шампионат против Либеке. Палмарсон скинал мускулно влакно на ногата и ќе треба да отсуствува неколку недели, додека Паличка, кој е столбот во одбраната на германскиот шампион, го повредил лакотот.
Кил и пред повредите на овие двајца значајни играчи имаше проблеми во составувањето на списокот поради претходните повреди на Филип Јиха и Расмус Лауге.
Ова е голема шанса за Металург да ја забележи првата победа во групата и да се вмеша во едно од четирите места што водат во следната фаза од најелитното натпреварување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.